Македонија
14. January 2021 - 21:29

Мицкоски: Пописот насилно се турка, а ние сме на страната на народот - За условите од Бугарија Владата се доведе во Ќорсокак

Пописот во земјава насилно се турка-изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан  Мицкоски во вечерашното гостување во Сител. Според него станува збор за политичка а не статистичка операција. Мицкоски посочи и дека власта на сила сака да го изгласа Законот во собрание.

Насилно се турка целата работа затоа што станува збор за политичка операција, не за статистичка, ние сме на страна на граѓанството тоа е различна страна од Владата која се обидува да го презентира ова како национална тема и како некој бил против правата, но суштината е дека ние сме на страната на она што треба да даде одговор за тоа како Македонија треба да се развива во иднина.

Во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски вели дека уште  во октомври посочил дека нашиот источен сосед има дополнителни барања кон земјава. Тој е убеден дека на маса повторно се ставени идентитетските прашања.

-Еве јас сум тој кој што е виновен за се во оваа држава, не е проблем ќе го прифатам сето тоа, само жалам тоа што го зборувам е вистина. Тоа го кажа и потпретседателот на владата во соседна Бугарија, тоа го кажа и министерката за надворешни работи во соседна Бугарија дека има дополнителни 12 барања и сега што правиме? Зошто македонската јавност тие барања не ги виде, не заслужуваме? Зошто во јули не излегоа на избори да речат ние сме подготвени да потпишеме дополнителен нон пејпер, или анекс на договор со Бугарија кој што ќе опфати тоа и тоа.

СДСМ реагираше на изјавите на Мицкоски за пописот. Владејчката партија останува на ставот дека попис мора да има.

Единствениот кој го политизира спроведувањето на пописот е самиот Мицкоски затоа што не знае ништо друго освен да кочи и блокира се што е важно за државата.

Несериозно е да се бара методологија за пописот кога се уште не е донесен ниту Законот за попис на населението, а уште понесериозно и понеодговорно е да се тврди дека попишувањето ќе се одвива само преку матичен број на граѓаните. 

Пописот ќе се спроведе согласно прописите на Евростат, а податоците ќе бидат споредени со базите на 10 различни инситуции.