Македонија
11. February 2021 - 15:44

Мицкоски: Одложувањето на првата пратка вакцини е срам, нека седнат и нека ги потпишат оставките

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара оставки од надлежните поради одложувањето на првата пратка вакцини за Ковид-19 од Србија во Македонија, потенцирајќи дека тоа е голем срам за сите нас. 

-Срам, како може да го коментирам овој случај. Едноставно со еден збор може да кажеме дека веќе се срамам што сум дел од ова, па макар и опозиција, би рекол политичко мочуриште. Тоа е срам кој на дневна основа ни го приредуваат луѓе од Владата, и тој срам го приредуваат на цела држава, на цел народ. И тука нема политички неопределени, определени, верски, вакви и такви или и национално, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и останати. Ова е брука и голем срам кој ни се случува на сите, рече Мицкоски, кој беше во посета на село Горно Коњаре, прилепско. 

Лидерот на опозициската партија кажа дека не само што сме последни или сме држава во која нема вакцини, туку веќе и ни се потсмеваат.

–Не само што сме последни, туку почнаа веќе и мајтап со нас да си играат сите. Наместо да седнат и да ги потпишат нивните оставки, тие уште ги гледам се обидуваат да наоѓаат оправдувања преку некои ступидни соопштенија кои ги лиферуваат во јавноста и велат недостасувале документи, им недостасува памет. Тоа е она кое можам да го кажам, ако имаа малку повеќе памет и стратегија и визија тогаш немаше денес ние да бидеме последни да се срамиме со нивните постапки, рече Мицкоски.

За иницијативата недела да биде неработен ден посочи дека власта го прави сето тоа во отсуство на креативни идеи, стратегија, визија сакајќи да ја дефокусира јавноста.

-Па јас сум повеќе да најдеме начин и механизам како на овие 50.000 луѓе кои останаа без работа, да им обезбедиме пристојна работа, да отвориме повеќе фабрики, да обезбедиме пласман на производот. Така што јас повеќе би сакал да разговарам за тие реални теми отколку за теми кои што навистина не гледам дека некому нешто му значат. Во отсуство на креативни идеи, во отсуство на стратегија, визија, план, а во големо изобилие на многу криминал и плачка на овој народ, Зоран Заев мисли дека на тој начин ќе направи дефокус на реалните теми, рече Мицкоски.