Македонија
19. October 2019 - 15:46

Мицкоски: Очекувам да се постигне договор за предвремени избори

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува на утрешната средба на лидерите на политичките партии кај претседателот на државата да се постигне договор за распишување предвремени парламентарни избори.

Мицкоски нагласи дека нема да прифати предвремени избори без техничка влада, односно ништо што е надвор од законските прописи.

– Законот е јасен, се знае што значи парламентарни избори, што значат закони во парламентарни избори итн. Треба тоа едноставно да се испочитува и веднаш да ги распишеме и да формираме техничка влада, технички премиер и да одиме на предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски по партискиот настан во Гостивар во рамки на кампањата „Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“ во Гостивар.

Потребни се, повтори Мицкоски, избори не само за власт, туку за да направиме нешто што ќе ја определи иднината и развојот на оваа држава.-  Онака како што треба да се развива. И затоа е потребен политички консензус. Претпоставувам дека тоа ќе го разговараме утре. Еве самиот тоа го најави доколку не се премислил. Па ќе видиме, ќе разговараме, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не е убеден оти изјавата на Зоран Заев за брзи предвремени избори е целосна и смета дека таа може да претрпи измени.

– Очекувам до утре да се премисли, со оглед дека тоа го правел неколку пати досега, но овој пат ќе бидам трепелив и ќе почекам да го видам тој предлог за брзи предвремени избори и што тоа значи, наведе Мицкоски,  наведувајќи дека во понудата од Заев денеска во првото излагање во јавноста откако не беше добиен датум за преговори за членство со Европската унија гледа како што вели, обид да го ублажи поразот на следните предвремени парламентарни избори.

– Видовме човек кој е уплашен и е свесен за сите грешки и човек на кој му трепери гласот затоа што е несигурен. Човек кој се обидува грчевито да го ублажи поразот што му следува на претстојните избори. Тоа што го зборував во минатото, Заев го потврди, дека на Македонија и е потребен нов почеток за од неа да направиме модерна држава, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ ја критикуваше актуелната власт, бидејќи не водела сметка околу исходот со добивањето датум за преговори со ЕУ.