Македонија
5. January 2018 - 16:51

Мицкоски: Ниту сме поканети да учествуваме во процесот, ниту знаеме до каде се разговорите за името

Со достоинствено решение потребно е што побрзо затворање на проблемот со името, порача во вчерашното интервју со уредници од национални телевизии новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Потенцира дека за секое решение граѓаните ќе треба да се изјаснат на референдум, но дека тој и партијата се против промена на уставот. Мицковски вели дека до сега не добил покана да биде дел од процесот за изнаоѓање национален консензус за името.

Мицковски потенцираше дека како за името така и за останатите прашања, конструктивноста ќе мора да биде двонасочна.

Не прецезираше дали и кога ќе се вратат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, но откри дека се формирани работни групи меѓу власта и опозицијата за реформските закони.

Мицковски не откри како партијата ќе дејствува во однос на приведувањата за настаните од 27 април, но направи дистинкција помеѓу протестите и насилните инциденти.

Мицковски тврди дека во партијата нема раздор и дека нема како што повика Груевски да се пресметува со партиските функционери кои побараа одложување на Конгресот во Валандово.

Новиот лидер најави дека до крајот на јануари во партијата ќе направи сериозно освежување, со промени во Извршниот комитет но и 9 нови партиски тела - нов Совет на Извршниот комитет и Совет на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во кој најавува дека ќе бидат вклучени домашни и странски експерти.