Македонија
23. April 2018 - 12:54

Мицкоски: Непотребно и поради политички причини се одложуваше пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија- Смоквица

Може да се кажува сè и сешто, но колку навистина Владата создава и инвестира во капитални проекти кажуваат најдобро бројките, а тие се поразителни. За цели 2 месеци има само 4 отсто капитални инвестиции од предвидената динамика за цела година, што е очајно слабо ниво. Но, од Владата не им е проблем што не ја кажуваат вистината. Погледнете каква замена на тези. Прво премиерот велеше дека ќе имало раст од 5 осто годишно на економијата, а вчера вели дека цел му била 4 осто раст. Мислат дека народот има слаба меморија. Еден отсто, еден, но и за тој да се излаже, намали, но вистинскиот проблем е што ниту тие 4 отсто ќе ги достигнат, затоа што минатата година економијата беше нула отсто раст, а Светска Банка и ММФ имаат двојно помали прогнози за оваа година од оние на Заев, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за КУРИР.

Во поглед на инвестициите во инфраструктура, Мицкоски вели дека она што го презентираше премиерот Заев е започнато како инвестиција од времето на ВМРО-ДПМНЕ, и тој ги охрабрува од Владата се што е започнато и да биде завршено, без да биде закочено како што сега имаме многу примери.

-Имаме помалку комична ситуација каде ќе закочат некој проект за кој што претходно од минатата влада биле обезбедени пари, биле направени тендери, проекти била отпочната градба или што би се рекло готова работа, и откако ќе го запрат, потоа се прогласуваат за спасители, креваат еуфорија и велат ете ние го завршивме проектот. Таков е еклатантниот пример со автопатот Демир Капија- Смоквица, каде цела година дена се префрлаше далновод и градеше диспечерски центар, непотребно и поради политички причини се одложуваше неговото пуштање во употреба, од сето тоа највеќе губат граѓаните. Вториот дел од проектите се оние кои се целосно закочени и за кој од Владата нема ниту волја ниту ангажман тие да се дозавршат и такви има многу, а нови проекти не доаѓа во предвид за Владата, вели Мицкоски.

Но во таа комуникација, посочува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се шпекулираат и неточни информации.

-Вчера се фали Заев со проектот за водоводи и канализации кој инаку е започнат уште пред неколку години за што беа обезбедени од Европската Инвестициска Банка 50 милиони евра и дополнителни средства за кофинансирање од буџет. За да бидам прецизен 60 проценти беше реализирано до почетокот на 2017-та година, а се бележи огромен застој последнава година. Додека проектите од  Кредитната банка за обнова се продолжение на втората фаза. Првата фаза се реализираше до 2016-та година, а потоа следствено доаѓа и втора фаза за општините кои се истите од прватата фаза. И во тој натпревар на Владата да се критикува сè што е порано направено се кажува дека Македонија има само 18 отсто покриеност на канализации. Еве јавно ќе ги прашам од каде им е тој податок, и на што го темелат. А и нема веродостојна информации затоа што тој процент не може да се докаже додека не се воспостави подземен катастар, проект кој го започна ВМРО-ДПМНЕ, но го стопираше СДСМ. Велат дека ќе заменувале азбесни цевки, но немаат план за било каква реализација на тој проект. Велат имале 10 нови инвестиции, ама никој не им го чул името на тие инвестиции, видовте ли некој камен темелник, видовме ли некоја црвена лента да пресечат. Нема тоа, а нема затоа што единствените инвестиции кои се случија се оние кои беа започнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ. За да на крај се финишира со изјава на премиерот Заев дека би бил задоволен со нешто над 60 осто реализација на ветеното, па нема од тоа нешто повеќе поразително. Тоа е исто како да започнете да градите автопат од Гостивар до Кичево и да кажете добро може и да не биде до Кичево, нека биде до пола, до превојот Стража на пример. А другата половина и не мора да има пат. Ова е еден максимално несериозен однос. Затоа велам дека имаме во политиката национален колапс, во економијата цунами. И тоа се пресликува во повеќе сфери. Ќе растат даноците, веќе не е дебатата дали, туку колку ќе растат, вели Мицкоски.

Срамно е што во буџетот за 2018 година предвидоа покачување за 20% на дневниците на функционерите на владата, а на медицинските сестри им го зголемија ноќниот турд на само 160 денари, од 100 на 160, се прекршија. Вистинска катастрофа.

-Земјоделците буквално плачат. Ветуваа 30 денари, знаете по колку денес се откупува, по 8 денари. 15 илјади тони зелка седи на нивите и под пластениците. Единствените проекти кои се фалат се оние кои ги наследија од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа не е спорно нека се фалат, ама и нив не ги завршуваат. Да не зборам за ветувањата за просечна плата, за 100 илјади денари плати за лекарите, за повисок стандард за студентите. Барон Михаузен би позавидел на овие лаги, вели Мицкоски.