Македонија
21. July 2019 - 15:34

Мицкоски: Намерата на власта е воспоставување обвинителство по нејзин терк

Предлог законот за јавно обвинителство на власта не е предлог за воспоставување на обвинителство кое ќе биде независно и кое ќе гони вистински криминал, туку намерата е воспоставување обвинителство што ќе биде по теркот на Заев и во функција на криминалниот октопод, вели претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Република“.

-Откако увиде премиерот дека ова постојно СЈО е компромитирано, пред сé, поради политичките влијанија кои тој и неговите луѓе ги вршат врз тоа обвинителство, дополнително притиснато од коруптивниот скандал во кој учествува првиот човек Јанева, тој практично го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да не се даде нов живот на тоа СЈО, туку да се формира ново обвинителство во рамки на постојното Јавно Обвинителство кое ќе се занимава со гонење на висока корупција и криминал. Но проблемот настанува кога Зоран Заев сака на сила да протурка решение кое би било ново СЈО затоа што тоа исто обвинителство би го воделе компромитирани кадри, па дури истите од ова постојното СЈО, со задача да му помогне на Заев да остане на власт, исто како што му помогна да дојде, наведува Мицкоски.

Запрашан зошто Рускоска е неприфатлива за нов јавен обвинител на тој нов оддел, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека таа е избор на Заев и го разбира како мајтапење со законите и правната држава, бидејќи, според него, таа е персонификција на нестручно работење под политичка палка.

Тој оценува и дека законот за јавно обвинителство нема да може да се донесе во Собранието без поддршката од ВМРО-ДПМНЕ како главна опозициска партија, подвлекувајќи дека и постојното СЈО било изгласано со консензу.

Во интервјуто Мицкоски прашува и зошто се уште се трага по вториот телефон на Катица Јанева  и дали некој знае каде е таа сега, или, дополнува, – тоа власта ќе го чува како некоја мистерија додека не смислат некој подобар план.  – Нема да има ништо се додека се чуваат заштитени вистинските закрилници на овој рекет. Се додека Кики ни кажува дека не е Кики, а Фрики молчи, се додека Заев се прави нем за неговите партиски соработници кои така молчејќи го прават и него соочесник и главен покровител на овој срамен криминал, криминалот ќе цвета. Треба да знаат дека нема правда без одговорност, а одговорноста ќе ја побараме ние кога ќе се избориме за смена на власта, наведува Мицкоски.