Македонија
13. јуни 2018 - 17:39

Мицкоски најавува спротивставување на договорот со сите демократски средства

ВМРО-ДПМНЕ со сите демократски и правни средства ќе се бори против договорот на Заев за промена на името. Со ваков став опозицискиот лидер попладнево влезе на средба кај премиерот.  Состанокот траеше само 5 минути. По него, шефот на ВМРО-ДПМНЕ пред новинарите потврди дека го добил договорот. Рече дека со Заев немал за што да разговара

Од Владата потврдија дека средбата траела кратко. Во писмено соопштение информираа дека Заев побарал од Мицкоски на граѓаните да им се даде можност да го кажат својот став на референдум

Овој договор ја гарантира иднината на Македонија како членка на НАТО и ЕУ, истакна премиерот Заев, јасно посочувајќи му на Мицковски дека и тие како опозиција треба да овозможат фер шанса последниот збор да го кажат граѓаните на референдум.

Референдумот е консензус меѓу ВМРО ДМПНЕ и СДСМ како најголеми политички субјекти во Македонија со години наназад, рече Заев, и сите заедно треба да се заложиме граѓаните сами да одлучат за својата иднина и никој нема право да ги спречува во тоа. – пишува во соопштението кое по средбата го испрати владината прес служба.

На средбата Заев Мицкоски и претходеше и средба на лидерот на опозицијата со шефот на државата.

Утрово Мицкоски на прес конференција уште еднаш ја повтори партиската позиција дека нема да поддржи промена на Уставот за промена на Уставното име

Договорот на Заев и Ципрас утре треба да се најде на владина седница, по што согласно агендата ќе следи потпишувањето со грчкиот премиер Ципрас. Според информациите кои циркулираат во медиумите, двајцата премиери, потписот на својот договор треба да го стават за време на викендот во грчкиот дел на брегот од преспанското езеро.