Македонија
2. July 2021 - 19:40

Мицкоски најавува резолуција за македонските позиции во преговорите со Бугарија, власта го обвини дека прави штета

Со резолуција ВМРО-ДПМНЕ бара Македонија јасно да ги нацрта своите црвени линии. Опозицискиот лидер денеска на прес конфернеција побара Собранието да усвои заеднички став со кој ќе и каже на оваа но и на секоја идна Влада до каде може да оди во преговорите со Бугарија. Основа на резолуцијата која идната недела ќе се најде пред пратениците ќе бидат зачувување на македонскиот јазик, идентитет и националната историја.

-Оваа резолуција би имала обврзувачко дејство согласно волјата на народните избраници, а врз Владата би значело оцртување во кои рамки смее таа да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси.

Во самата резолуција се содржани дефинициите и јавно, повторувам и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ И МПЦ ОА-Јустинијана Прима за јазикот и идентитетот.

-Она што го нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што го дефинирале највисоките научни и општествени авторитети како заеднички државен и национален интерес.“ – рече Мицкоски

Бугарија веќе усвои слична ваква резолуција во својот парламент уште пред 2 години и до сега без отстапки ја почитуваат сите политички сили во земјата. Мицкоски очекува овој предлог да наиде на широка поддршка во Собранието но реакцијата на СДСМ не дава многу надеж затоа.

Без прецизен одговор дали ќе дадат поддршка на предложената резолуција од СДСМ велат дека Мицкоски нема доследен став.

-Се што прави Христијан Мицкоски е против државните и национални интереси, тој до толку е изгубен во своите блокади што еден ден зборува едно друг ден друго.

Ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот кој го зборува, нема потреба да поднесува резолуции. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања особено не во македонското собрание.“ – се вели во реакцијата на СДСМ

Ова е нов обид Собранието да изгради национална позиција во преговорите со Бугарија. Последниот пропадна на средината на минатиот месец. Тогаш, опозицијата на Комисијата за надворешна политика предложи да се изгласаат слични заклучоци на власта предводена од СДСМ ја напушти седницата.