Македонија
12. May 2018 - 10:08

Мицкоски на Конвенцијата на партијата на Јанша, Словенија ќе го означи почетокот на промените во регионот и поразот на владите кои не работат за граѓаните

Во текот на вчерашниот ден во Цеље, Република Словенија свое обраќање на изборната конвенција на Словенечката демократска партија на Јанес Јанша имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Свои говори на конвенцијата имаа и премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан и лидерот на Европската Народна Партија во Европскиот Парламент, Манфред Вебер.

Во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски пред присутните истакна дека настанот на кој се обраќа е предвесник на промените кои ќе се случат во пријателска Словенија и регионот.

-На овие избори граѓаните ќе одлучуваат која патека да се избере. Јас сум убеден дека Словенците ќе ја изберат вистинската, патеката на стабилност и подобар живот. Посветли денови доаѓаат. Словенија ќе биде промената која Европа чека да ја види. Словенија ќе го означи почетокот на промените во регионот и поразот на владите кои не работат и не придонесуваат ништо за граѓаните, истакна Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека за да се случат тие промени од најголема важност е да се даде понуда која ќе овоможи подобар живот на сите Словенци, понуда која ќе отвори нови перспективи и ќе изгради подобра иднина за сите и за регионот во целина.

-Секогаш може да биде подобро, Словенија заслужува подобро. На граѓаните им е потребен економски раст, перспективи и извесна иднина. Силни индвидуи кои ќе предводат и ќе овозможат шанси за сигурен напредок е она што им е потребно на граѓаните, изјави во своето обраќање пред присутните Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека Јанес Јанша го има најдобриот тим и дека неговиот стремеж е Словенија која гради мостови, која станува повторно силна, Словенија која е отворена према Светот и има силни пријателства.

-Убеден сум дека Словенија повторно ќе биде лидер во регионот, Словенија која е лидер во промените кои ќе се случат, Словенија која победува, изјави Мицкоски.

 Лидерот на Европската Народна Партија во Европскиот Парламент, Манфред Вебер истакна дека му e задоволство да биде присутен во Словенија со пријателите од Европската Народна Партија, нашите пријатели од Унгарија и од Македонија. Тој истакна дека на Европската Унија и е потребна силна Словенија, и дека Европската Унија мора да продолжи да се гради преку солидарност и зацврстување на конекциите со државите од Европа и дека тоа е иднината на регионот, но и на Европската Унија.

Во своето обраќање лидерот на Словенечката демократска партија, Јанес Јанша посочи дека неговата визија е за Словенија која е повторно вреднувана и почитувана.
-Словенија ќе ни биде прв приоритет односно просперитетот на нашите граѓани. Словенечката и европската рамка за цивилизација секогаш ќе биде она што ќе го браниме во Словенечката демократска партија. Ние сакаме да бидеме пријатели со државите од регионот, изјави Јанес Јанша. 

Тој се осврна и за европскиот проблем со мигрантите каде нотираше дека претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ одигра важна улога во справувањето со мигрантскиот бран и иако државата не е членка на Европската Унија, ги бранеше интересите на самата Унија.