Македонија
26. November 2019 - 13:33

Мицкоски му изразил сочувство на Мета за настраданите во земјотресот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Република Албанија, Илир Мета.

Мицкоски изрази најдлабоко сочувство за загубените човечки животи по големиот земјотрес кој го погоди градот Драч.

Тој посочи дека овие тешки мигови кај човекот ги истакнуваат најсветлите човекови карактеристики како солидарноста, помагањето и хуманоста и токму поради тоа во овие моменти е потребна обединетост со една цел, помош на семејствата на настраданите и повредените.

Ваквите трагедии покажуваат дека е потребно надминување на разликите и дека е важно меѓусебното почитување, додаде Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека вакви природни катастрофи не се непознати за македонскиот народ и Македонија, па поради тоа ВМРО-ДПМНЕ како партија е подготвено да помогне на секаков начин.