Македонија
14. January 2021 - 20:17

Мицкоски: Мене ми е срам што денес сите се вакцинираат освен ние

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашната тема на денот во Дневникот на Сител Телевизија кажа дека сите земји од региониот освен Македонија почнале да се вакцинираат.

-Зошто не чека Рамак? Зошто не чекаат Вучиќ, Борисов, Хоти, Мицотакис? Што па ние само чекаме? До кога ќе чекаме? Само чекаме – чекан нѐ удри. Само ние чекаме, сите се вакцинираат. Мене ми е срам што денеска се вакцинираат освен ние. Еве јас, сакам да се вакцинирам, но немам избор. Мене треба Владата да ми обезбеди избор, да се вакцинирам или да не се вакцинирам. Зошто ми се мене вакцините со поминат рок во декември? Не ми требаат, сега ми требаат. Во јануари, во февруари, во март, рече Мицкоски.

Прашан за тоа дали треба да се олабават рестриктивните мерки, Мицкоски рече дека нема доволно информации бидејќи никој од опозицијата не е вклучен во одлучувањето.

-Јас навистина не знам врз основа на која навигација тие ги затегнуваат или олабавуваат тие мерки. И ми преостанува да зборувам како обичен граѓанин „Добро, ако тие оцениле така, тоа е тоа“. Навистина немам никакви информации, ниту пак некој со мене споделува какви било информации. Но, тоа не е моја слабост. Има циркузанти на политичката сцена кои одредуваат кој е фактор или не. Тоа е слабост на власта, затоа што оваа опозиција ја има најголемата пратеничка група во Собранието, рече Мицкоски додавајќи дека власта или ќе соработува со опозицијата, или таа ќе биде неконструктивна.