Македонија
13. April 2019 - 21:23

Мицкоски: Македонија нема датум за преговори со Европската Унија и веројатно нема ни да има оваа година, поради неспособноста на Владата

И еве ви велам дека не заборавам, не го заборавам ниту еден човек кој сега е во затвор неправедно осуден, кој е мета на прогон и неправда и нема да престанам да се борам се додека последната неправда не се исправи, се додека и последното одземено на било кој човек во нашава земја не му биде вратено. Не ги заборавам ниту децата чии родители сега гнијат по затворите додека терористите од Смилковско шетаат на слобода. Мора да има правда, правда за секого, безусловна, апсолутна, зошто само така ќе имаме држава за каква се бориме, мечтаеме и татковина каква што заслужуваме, ова денеска на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
 
-Велеа од власта дека се бореле за ЕУ и НАТО. Еве поминаа две години како се на власт, а Македонија освен по некој „чочек“ за прослава нема датум за преговори со Европската Унија и веројатно и оваа година нема да добие препорака, а нема да добие не заради опозицијата и овој народ, туку поради неспособноста на Владата, не знаат да работат. Европа е стандарди, Европа е критериуми и вредности, каква што оваа влада нема. Од друга страна што би рекол народот направија од готово вересија, од нашите традиционални пријатели прават непријатели, па така срамежливо министерката за одбрана ќе рече можно е да се појави и кочница за членството за НАТО. Па нели блескаме, нели одиме напред. Какво напред какви бакрачи, полошо и потешко никогаш не било во Македонија. И додека тие викаат дека блескаме, секој од вас знае дека никогаш не било полошо во Економијата. Се фалат имале странски инвестиции, повеќе од 80 отсто се резултат на уплатена реинвестирана добивка која ја пријавија зошто владата ги покачи даноците. Значи најниска реална стапка на инвестиции. Излегоа се пофалија со наводни нови странски инвестиции, а сите се од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ. Значи дека 2 години ги преспаа, изгубија, две години потрошија, за да плачкаат кои им ги овозможи овој народ, потенцира Мицкоски.
 
Тој додава дека не е само опозицијата, туку и Светска Банка кажува дека сме на дното, на самото дно во цела Европа. Според индексот со кој државата вложува во човечкиот капитал сме на 88-мо место нај доле на табелата.
 
-Дури и Афричките земји се добри кога е во прашање Македонија. Од 100 луѓе во државава  според Светска Банка работат само 28, од кој половина во државна администрација. Нема ниту едно ветување кое го остварија, а ветуваа многу. И кога ќе го слушнам Заев како ни збори за демократија и правда тоа е како кога во Северна Кореја да слушате за човекови права и слобода. Какво време дојде тој да држи лекции за морал, за етика. Може да збори за се, но никој не му верува, бидејќи тој е истиот кој сите го видовме како беше амнестиран за Глобал, и како кај Мирчо свињарникот бараше по едно евро за црквата, едно евро за Вицето. И замислете сега како само ќе тргнеме напред користејќи го нивниот слоган, со молскавична брзина, и треба вистински да бидеме благодарни што не викаат на тој пат. А ако е од нив дури и да не поканат, фала не. А тие ако сакаат нека одат, но ние не сакаме по неговиот пат да тргаме. Бидејќи тоа е патот на криминалот, скршена кичма и предадена и продадена држава. Ние го избираме патот на правдата патот кој ќе го трасира професорката Силјановска. Патот на заштита на државата и нејзините интереси.