Македонија
27. јуни 2018 - 16:11

Мицкоски: Македонија не доби датум, имаме влада која го одзема достоинството на народот

Недобивањето чиста препорака за почеток на преговори со Европската унија е уште еден голем пораз за Македонија и Владата на Зоран Заев, обвинува лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски вели дека државата добила само надеж дека можеби идната година ова време ќе се исполнат критериумите за одредување датум за преговори.

- Македонија цела година ќе мора да тапка во место затоа што согласно извештајот потребно е да се направи прогрес во борбата против корупцијата, суштински реформи во повеќе области и создавање на услови за независно судство. Оваа неспособна влада не ги исполни критериумите и тоа е констатирано. Македонија со Зоран Заев доби штетен и капитулантски договор за смена на името, но не и почеток на преговори со Европската Унија и тоа веднаш, вели Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски, условената препорака е големо фијаско за Владата која според него нижи само порази. Од партијата велат дека со договорот за менување на името на државата нема да се подобри животот на граѓаните, напротив Македонија и понатаму е земја со најмал економски раст и политизирано судство.

- Иако луѓето од власта ги гледаме со вештачки насмевки, со изнасилена еуфорија, целиот овој театар нема поразот да го претвори во победа. Затоа што граѓаните и без да има некаков извештај знаат дека живеат лошо, и затоа што целата држава живее со последиците и поразите од оваа влада, вели Мицкоски.

Од опозициската партија повторија дека договорот со Грција е капитулантски со кој се брише името Македонија, се менува уставот а се отежнува толкувањето на идентитетот. И покрај отстапките, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата на Заев не добила ништо иако ветувала дека договорот ќе донесе светла иднина за граѓаните.