Македонија
2. September 2018 - 14:09

Мицкоски: Македонија е се што имаме, нашиот последен остров, нашата љубов, нашите корени и иднина

ВМРО-ДПМНЕ денеска организира марш поради незадоволстовото од работата на оваа власт. Пред граѓаните во Кичево се обрати лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

-Ако не извлечеме поука од историјата која веќе еднаш се случува како трагедија, тогаш нејзината реприза е фарса, а ќе се согласите дека македонскиот народ поминал низ многу историски премрежја од кои ние како народ и држава треба да излеземе посилни, помудри, но и поискусни. Денес овде стојам пред вас, од преубавото Кичево можам да заклучам дека Македонија е на таков крстопат, а повеќето патишта се погрешни, некои кон слепа улица, а некои за жал во провалија, кажа Мицкоски пред кичевчани.

Тој кажа дека од народот зависи кој пат ќе одбереме, и дека нема многу можности во тој избор, само еден и единствен е тој пат, тоа е оној вистинскиот пат, патот кој што води до нашата легитимна цел, а тоа е Република Македонија.

-Пред да одлучи секој од нас кој пат ќе го избере, пред да ја донесе таа одлука, потребно е да знаете, но и сите оние кои не се денеска со нас, дека пред нас претстои исклучително тежок период. Би рекол период на специјална војна каде невистината ќе се прикажува за вистина, каде црното ќе се продава како бело, период на оцрнување на личности и нивно компромитирање, време кога ќе се ветува се и сешто, со една замислена цел, да им помине замисленото. Време кога ќе се омаловажува, ќе се сака да се влее зајадлив црв на сомнеж во секоја нова искра надеж. Ќе се занимаваат со нас, со теми кои се бледи, кои се само отргнување од реалноста. Ќе се силат, ќе се удираатт во гради, ќе велат дека водат на анкетите, не со 3 туку со 30 проценти, но реалноста еве ја гледате, изјави Мицкоски.

Тој кажа дека до гуша се фатени до гуша во криминал, дека ќе велат дека се за НАТО и ЕУ, ќе се колнат во иднината, како што се колнеа во дедовината,  а реалноста ја претворија во пекол. Но и порача дека тоа ќе помине и ќе дојде време кога ќе треба да се сведат сметките и да се погледнеме во очи. Дека некои ќе бидат со крената глава, а други ќе бидат со наведнати глави поради неправдите направени врз својот народ.

-И вие добро знаете дека Македонија е се што имаме, нашиот последен остров, нашата љубов, нашите корени  и иднина, изјави Мицкоски.