Македонија
3. December 2022 - 15:21

Мицкоски: Граѓаните ќе одлучат на кои проекти ќе бидат потрошени парите од буџетите на општините

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Бутел соопшти дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ дадоа отчет за сработеното пред граѓаните и најави дека ги отвораат општините за да може граѓаните сами да дадат предлози кои ќе се реализираат во буџетот од следната година.

Според Мицкоски, поради сето она што се случува во државата, како што рече, потребни се избори. Периодот што следи, подвлече, ќе ја разгледаме и можноста за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Добро е да се почне од почеток, да се направи една ретроспектива од снимените разговори на обвинители и судии кои завршија во депото на МВР, а никој до ден денеска не понесе одговорност како тоа обвинители и судии се снимени, па да завршиме со ова последно дивеење на една криминална банда за која што сите ние знаеме дека функционира на територијата на општина Арачиново. МВР, поради тоа што врвот на министерството е соработник на оваа банда, е немоќно да им се спротивстави и тие луѓе кои што, зборувам за полицајците кои се нашле во една непријатна ситуација можеле многу лесно да бидат жртви на оваа криминална нарко-банда, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, точно се знае во Арачиново која е групата, каде живеат и со што се занимаваат. – Оставаме државата, односно министерството да си го заврши она за што е надлежно.  Ние не сме ниту Министерство за внатрешни работи, ниту судии, ниту обвинители. Ако видиме дека и понатаму продолжуваат, нормално е дека ние ќе ги објавиме, но со објавување ние ќе влеземе во чевлите на воајерски пристап во политиката. Нас ни требаат дела, конечно нешто да се направи, не само да зборуваме, рече Мицкоски.

Прашан за презентацијата на буџетот за 2023 година, Мицкоски посочи дека ситуацијата со економијата во државата е алармантна, нема стабилна економска политика и поради тоа бизнисмените не можат да прават инвестиции и кога нема инвестиции нема ни развој, а има се повеќе сиромаштија.

Одговарајќи на новинарско прашање до каде е процедурата за најавеното издавање на општински обрзници во Штип, Мицкоски соопшти дека Општина Штип доби дозвола за издавање на обврзница, а Владата, како што рече, ја кочи.

-Македонската влада го казнува својот народ затоа што не ги гласаше на избори и затоа што на последните им се случи дебакл, така што иако Општина Штип доби дозвола од сите институции на системот за издавање на општинска обврзница, Владата е таа која што ја кочи процедурата, односно ја трга точката од дневен на владина седници или пак воопшто не ја става, рече Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски истакна дека граѓаните имаат можност да учествуваат во создавање на буџетот за 2023 година. Изрази задоволство од учеството на граѓаните и информира дека викендов  и наредниот викенд, од 11 до 14 часот, граѓаните можат да дојдат во големата сала на општина Бутел и да ги дадат своите предлози.