Македонија
2. July 2021 - 16:39

Мицкоски: Главната причина за спорот со Бугарија е домашната пазарџиска дипломатија на Заев и Димитров

Патот на Република Македонија кон Европската унија е закочен поради лошите и неразумни политики на Зоран Заев и СДСМ. Пазарџиска дипломатија која што ја демонстрираат Заев и Димитров е само поради непознавањето на дипломатската политика и бранењето на државните и национални интереси, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција.

-Наместо вистински и реални реформи на општеството кои ќе придонесат за поквалитетен живот на граѓаните, Зоран Заев реши да лицитира и да ги распродава националните интереси, надевајќи се дека така ќе се допадне на соседите, но и на членките на Европската унија. Ваквиот пристап на решавање на проблемите не само што не ја приближија Република Македонија кон ЕУ, туку дополнително ја оддалечија и покажаа дека државата ја водат пазарџии, а не политичари кои што достоинствено ги штитат интересите на државата и граѓаните, посочи тој.

Мицкоски истакна дека Зоран Заев и Никола Димитров како политичари кои релативно долго се на политичката сцена во Македонија, треба да знаат дека за националните прашања мора да постои државен консензус, а дури потоа да се преговара и разговара доколку е тоа потребно. Ваквата пазарџиска дипломатија која што ја демонстрираат Заев и Димитров е само поради непознавањето на дипломатската политика и бранењето на државните и национални интереси, истакна тој.

-Зоран Заев е човекот кој за секој свој неуспех ги обвинува сите други политички субјекти, а кога ќе му се понуди меѓународна соработка која му овозможува власт и материјална придобивка, тогаш на масата ги става идентитетот, јазикот, историјата и се што е свето за македонскиот народ. Ваквите погубни политики ја клекнаа земјата на колена, а македонските граѓаните се најпонижениот народ во Европа, рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи Резолуција до Собранието на Република Македонија, која што ќе ги дефинира македонските позиции во преговорите со источниот сосед.

-Резолуцијата ќе претставува црвена рамка за Владата во однос на тоа кои се границите до кои таа, а и секоја наредна Влада, ќе смее да преговара и да разговара за националните интереси. Следува период во кој граѓаните ќе имаат зрела шанса да го променат ова безредие и да стават крај на разулавените распродажби на државата, потенцираше Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ заедно со секој граѓанин, рамо до рамо ќе се избори за промена на оваа ненародна власт и враќање на честа и достоинството на Република Македонија, порача Мицкоски на денешната прес конференција.

 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ