Македонија
4. March 2021 - 10:30

Мицкоски: Гласањето на доверба на шверцерски начин потврдува дека Заев не е сигурен во своето мнозинство

Вчера Собранието на Владата и изгласа доверба откако Заев го побара тоа усно, опозицијата овој потег го гледа како очајнички и не присуствуваше на седницата за време на гласањето.

„Ќе ги изненадеше Заев сите, доколку го решеше проблемот со вакцини, направеше некаков проект или донесеше инвестиција. Но, човекот продолжи да го прави тоа што умее, мафијашко византиство. И тука морам да сум искрен - не сум ниту изнeнаден, ниту неспокоен. Тие византиски игри и сплеткарања многу бргу ќе му се вратат како бумеранг. Јас можам да кажам граѓаните да бидат спокојни. Гласањето на доверба на еден шверцерски начин, без дебата, само потврдува дека Заев не е сигурен во своето мнозинство, но и тоа дека нема ништо од најавите за негово зголемување", вели за Дојче Веле лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој е дециден дека следното прашање за доверба на Владата ќе го постави опозицијата.

„Што се однесува до тезата дека со ова си купил мирно владеење, вистината е дека си купил уште броени денови за Владата, која што е на стаклени нозе и на апарати за дишење. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со Ковид вирус, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Прашањето за доверба наредно ќе го постави опозицијата, во моментот кога ќе осигура 65 пратеници кои ќе се потпишат. Тоа ќе биде денот каде сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода. Оваа влада ќе падне. Првиот сериозен знак за тоа го видовме денес. Заев сам беше принуден да го стави прашањето за доверба. Наредниот пат тоа ќе го направиме ние", тврди Мицкоски.