Македонија
4. August 2018 - 16:10

Мицкоски: Барањата за амнестија се измислица

Непристоен предлог се разните неформални понуди, кулоарски муабети и ноншалатни математички пресметки за учество во влада, која треба да го донесе и реализира Договорот со Грција. Вака лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги коментира изјавите на премиерот Зоран Заев, кој рече дека на последната од трите одржани лидерски средби, му понудил на Мицкоски влез во Владата се до полноправното членство во НАТО, во замена за референдумска поддршка од најголемата опозициска партија. Понудата била одбиена, затоа што, како што тврди Заев, ВМРО-ДПМНЕ ги интересирала само амнестија за нивните поранешни функционери.

Мицкоски на својот фејсбук профил наведува дека се измислени неговите наводни барања за амнестија, а понудата за учество во Владата на Заев ја коментира како нешто што е надвор од неговите морални принципи.

Некој свесно заборава дека мандатот за влада, министерски места и функции ги дава единствено народот, а не поединци кои туркаат агенди за спас на своите кариери...Суштината е дека учеството или неучеството во таква една влада нема да го направи договорот, кој некој друг го договараше и преговараше, подобар или помалку штетен за Македонија и нејзините граѓани, но пак, таквата понуда е сигурен доказ дека тие што стојат зад него се свесни дека тоа народот не го одобрува и преставува капитулантско дело за кое сега им е потребно алиби, пишува Мицкоски на својот фб-профил.

Според него, непристојните предлози очигледно стануваат одлика на оваа генерација политичари која се провлекува од транзицијата, и нешто што е дел од нивниот карактер.

- Влада чија главна задача се делење државни тендери на приватни фирми на луѓе од власта, каде што криминалот метастазира, хедонизмот цвета, а корупцијата е заеднички именител, не може да биде влада која ќе донесе иднина, туку влада која ќе зацементира небиднина, наведува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека партијата се уште нема изградено официјален став за претстојниот референдум.

Премиерот Заев, пак, вели дека на опозицијата ѝ понудил и предвремени парламентарни избори во термин по нивни избор, ако на референдумот обезбедат 300 илјади гласови „против“, само ако повикаат на излезност. Откако тоа било одбиено, тој ја понудил и својата оставка ако опозицијата на референдумот извади повеќе гласови „против“ отколку што ќе бидат „за“, што според Заев, исто така не било прифатено од лидерот на ВМРО ДПМНЕ.