Македонија
13. September 2018 - 13:40

Мичел: Преспанскиот договор можност да ве пречекаме како 30. земја членка во НАТО

 САД силно го поддржуваат Преспанскиот договор. Ова го гледаме како можност да ве пречекаме како 30. земја членка на НАТО, изјави американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Вес Мичел по средбата со шефот на дипломатијата Никола Димитров, прва на неговата агенда во рамки на денешна посета на Македонија.

- Знаеме дека беа потребни многу работа и компромиси од двете страни. Патот беше долг 27 години за да се стигне до тука. Разговаравме и за следните чекори кои се потребни. Ви даваме  голема поддршка, но конечно ова е одлука која само Македонците  може да ја донесат за себе. Америка има интерес за Западниот Балкан и се залага за стабилност и просперитет на овој многу важен регион, рече Мичел.

Тој посочи дека дошол за да зборува со македонските лидери за безбедносните протоколи, стратегиските односи во регионот, економијата, како и за историските можности што и се даваат на Македонија со Преспанскиот договор.

Од македонското МНР по средбата соопштија дека во фокусот на разговорите Димитров-Мичел биле евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и актуелните политички состојби во земјата и во регионот.

Димитров, како што соопшти МНР, ја потенцираше важноста од натамошна поддршка на САД во евроатлантските интеграции на Македонија и соработката заснована на стратешкото партнерство.

- Нашето заслужено членство во Алијансата, значително ќе придонесе кон градење на просперитетна и побезбедна Република Македонија, што ќе биде од значење и за целиот регион, рече Димитров.

Помошник државниот секретар Мичел, се наведува, повторно ја реафирмираше силната поддршка на САД за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Тој ги поздравил напорите на Македонија на тој пат, особено со конструктивната политика со соседите, како и постигнувањето на решение за спорот околу името со Грција.

Во тој контекст, американскиот дипломат, се додава, ги повторил очекувањата за успешен референдум и имплементација на Договорот со Грција, со цел заокружување на процесот на зачленување во НАТО и Европската унија.

Мичел, кој по вторпат годинава доаѓа во Македонија, покрај со претставници на парламентарните партии, доцна попладне ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев по што ќе следува изјава за медиумите.

Инаку, минатиот викенд земјата ја посети американскиот сенатор и претседавач на Комисијата за државна безбедност Рон Џонсон кој е еден од коспонзорите на Резолуцијата на Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа. Во понеделник, пак, доаѓа уште еден висок американски претставник - секретарот за одбрана на САД Џејс Матис. Тој доаѓа за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум.

- Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и да им ставам до знаење дека Вашингтон го поддржува македонскиот народ, стои во неговата изјава и се додава загриженоста дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес, изјави спроти посетата Матис.

Поппладне во земјава ќе допатува и високата претставничка за надворешни работи на ЕУ Федерика Могерини. Таа ќе има средби со премиерот Зоран Заев, со претседателот на државата Ѓорге Иванов, а ќе се сретне и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.