Бизнис
25. September 2018 - 15:05

Мицевски: МФ престана да функционира како државна каса

Министерството за финансии престана да функционира како државна каса и се претвори во благајна за финансирање на потребите на Зоран Заев  и криминалниот картел околу него.

Во изминатиов период во неколку наврати, преку прес конференции ја информиравме јавноста за сериозни сомнежи за злоупотреби од страна на функционери, кои организирано и незаконски вработуваат во државната и јавната администрација.

Околу два месеци го повикуваме министерот Драган Тевдовски да одговори како се вработува во државната и јавна администрација во 2018 година, дали се планирани новите вработувања во институциите на кои им издале согласности за вработување и дали министерството постапува законски при потпишување на согласностите за вработување а притоа дали согласностите се во рамки на Буџетот на Република Македонија.

На 20.08.2018 година, како Пратеник доставив барање за информации од јавен карактер до министерот Драган Тевдовски и повторно Тевдовски го прекрши законот и надвор од законскиот рок за одговор, на ден 24.09.2018 година, ми доставува одговор во кој се прогласува за ненадлежен за водење на евиденција на согласностите за вработувањата во институциите.

Замислете ја иронијата и ароганцијата на министерот Драган Тевдовски, вкупно расходите од Буџетот на Република Македонија по основ на плати и надоместоци во администрацијата е над 400 милиони евра, а Тевдовски  е недостапен да им објасни на граѓаните и даночните обврзници, дали законски се вработува во институциите во Република Македонија во 2018 година!?

Во прилог Ви го доставувам одговорот од Министерството за финансии за да се уверите и дополнително да го потврдиме сомнежот за незаконското вработување во државната и јавна администрација во Република Македонија.

Господине Тевдовски, колку повеќе ги избегнувате одговорите на сите поставени прашања поврзани со вработувањето во институциите во Република Македонија, толку поголема е вашата одговорност!

Известете ги граѓаните и даночните обврзници за:

1. Колку согласности за вработување се издадени за 2018 година а се однесуваат на Буџетската 2018 и колку од нив се однесуваат за вработување на неопределено време, колку за определено време, а колку се за ангажирање на работници преку агенции за привремени вработувања?

2. Кои се институциите за кои се издадени согласностите?

3. Дали за сите овие вработувања биле однапред планирани средства во Буџетите на институциите согласно член 17 од Законот за Буџет?

4. Бараме да ни доставите копија за секоја издадена согласност за вработување во 2018 та година.

Народот има право да знае!