Бизнис
10. January 2017 - 15:48

МФ: Поради големата побарувачка, намалена каматата на државните хартии од вредност

За скоро три пати поголема беше побарувачката од понудата на државни хартии од вредност на денешната аукција поради што е намалена и каматата за 0,2 процентни поена, соопшти денеска Министерството за финансии (МФ).

Според МФ, иако инвеститорите побаруваа државни хартии од вредност во износ од над пет милијарди денари, Министерството запиша 1,9 милијарди денари согласно понуденото во проспектот.

- И покрај политичката пропаганда на СДСМ која настојува да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста – иако самите ги воведоа, довербата на инвеститорите во економските политики е огромна, што придонесе за намалување на каматата на државните хартии од вредност, наведува МФ.

Намалената камата за 0,2 процентни поена, односно цената што ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите, е воедно и најниската последниве години. - За споредба, ако сега каматната стапка е 2,4 отсто за 12-месечни хартии од вредност, додека во време на владеење на СДСМ изнесуваше над 11 отсто, појаснува МФ и додава дека големата побарувачка за државни хартии од вредност од страна на инвеститорите покажува доверба во економските политики кои се спроведуваат и покрај политичката пропаганда на СДСМ.

- Бидејќи партијата по кој знае кој пат ја користеше аукцијата на државни хартии од вредност за политички маркетинг ширејќи невистини во јавноста, повторно би сакале да објасниме: Државните хартии од вредност се финансиски инструмент за финансирање на буџетскиот дефицит, воведен пред 13 години, кога СДСМ беше на власт. Нивниот министер за финансии Поповски редовно ги издаваше, иако не покриваше дефицит. Ги издаваше по камата 5 пати повисока од денешната, значи државата плаќала пет пати поголема цена за капитал од кој немала тековна потреба. Државните хартии од вредност се издаваат во сите економии во светот, стои во соопштението на МФ.

Со буџетот за 2017, информира Министерството, буџетскиот дефицит е предвидено да се покрива и од домашни извори.

- Во моментот на пазарот на капитал има голема побарувачка за државните хартии од вредност, што значи дека може да се издадат со пониска камата, односно со помала цена на капиталот. Министерството за финансии уредно го спроведува буџетот и води прудентна политика на јавен долг. Повеќе меѓународни финансиски институции, меѓу кои и Меѓународниот монетарен фонд оценија дека нивото на долгот е умерено, а дека пазарот на државни хартии од вредност одлично функционира, подвлекува МФ.