Македонија
18. May 2022 - 14:06

МФ: Над 200 милиони евра од ЕБОР за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Над 200 милиони евра поволни средства од ЕБОР се обезбедени за реализација на регионален проект за управување со отпад и проектот за изградба на делница од автопатот Скопје – Блаце, соопшти Министерството за финансии (МФ).

Предлог законите за обезбедување на средствата од оваа меѓународна финансиска институција предложени од Министерството за финансии, биле прифатени на вчерашната владина седница.

– Договорите за реализација на проектите со ЕБОР, после усвојување од страна на Собранието, ќе бидат потпишани од страна на Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање и Јавното претпријатие за државни патишта, се вели во соопштението.

Како што појаснуваат од Министерството, со Предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово, се предвидува да се обезбедат 167,6 милиони евра од ЕБОР, кои се обезбедуваат со рок на отплата од 16 години, со грејс период од четири години и каматна стапка која е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1 процент.

– Со ова се комплетира финансиската конструкција за реализација на овој проект. Покрај средствата обезбедени од ЕБОР, ќе се финансира со грант средства од ВБИФ во износ од 26,5 милиони евра, наведуваат од МФ.

Целта на проектот, додаваат од Министерството, е да се подобри патната инфраструктура во земјата, односно предвидува изградба на втората подделница која се однесува на останатиот дел од автопатот Блаце – Скопје, со што, значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, ќе се подобри безбедноста на патот и ќе се скрати времето на патување, ќе се зголемат можностите за социо–економски развој, како на национално, така и на регионално ниво.

– Со Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Регионалниот проект за цврст отпад се обезбедуваат 55 милиони евра со рок на отплата од 15 години, грејс период од четири години и каматна стапка која се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1 процент, се вели во соопштението.

Целта, посочуваат оттаму, е да помогне на земјата во развојот на регионални системи за управување со отпад во одредени региони на Република Северна Македонија, односно воспоставување регионален систем за управување со отпад во Југоисточен, Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Полошки регион.

– Министерството за финансии и Владата остануваат посветени на реализација на инфраструктурни проекти кои ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните, но и ќе имаат влијание врз економијата. Особено е значајно обезбедувањето средства за реализација на овие проекти по поволни услови во време на криза. ЕБОР е значаен поддржувач на Република Северна Македонија. Со поддршка од оваа меѓународна финансиска институција во земјава се реализираат инвестиции во железничкиот сектор и во патната инфраструктура, во енергетската инфраструктура, инвестиции во јавниот транспорт, пречистителни станици, а присутна е и во поддршка на приватниот сектор, особено за зголемување на конкурентноста на малите и средни претпријатија, за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. ЕБОР во изминативе 30 години има инвестирано над 2,2 милијарди евра во 159 проекти во земјата, се наведува во соопштението.