Бизнис
14. January 2020 - 15:50

МФ: Аукцијата е редовна, бројот на аукции преполовен, јавниот долг по долги години – стабилизиран

 

Денешната аукција на државни хартии од вредност е редовна аукција предвидена и објавена со календарот за аукции. Таа e согласно предвиденото домашно повлекување утврдено со Буџетот за 2020 година, со тоа што мора да се напомене дека бројот на аукции е двојно намален од 2017 година наваму, соопшти Министерството за финансии (МФ).

Оттаму посочуваат дека државните хартии од вредност се евтин извор за финансирање на буџетскиот дефицит, но и на стари доспеани обврски.

– На пример, каматата на 12-месечните обврзници кои се издадоа на денешната аукција изнесува 0,6 отсто, додека на крајот на месецот треба да ја вратиме втората рата од ПБГ-заемот во износ на 155 милиони евра, кој е земен во 2013 година со каматна стапка од 3,9 проценти или повеќе од шесткратно повисока. До крајот на годината доспева еврообврзницата од 2015 во износ од 180 милиони евра со камата од 4,9 отсто, појаснуваат од Министерството.

Годинава, како што наведуваат, за отплата имаме надворешен долг од 437,8 милиони евра и отплата по основ на домашен долг во износ од 264,9 милиони евра, а треба да се финансира и буџетскиот дефицит.

– Сепак и покрај големиот број на стари обврски кои доспеваат, успеавме да го стабилизираме јавниот долг и сега тој е дури на пониско ниво во однос на 2016 година. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8 отсто, согласно последната состојба, јавниот долг изнесува 47,7 проценти и тоа со вклучен негарантиран долг, кој порано не бил вклалкулиран – што значи дека долгот е понизок за околу 1,5 процентни поени, стои во соопштението.

Од Министерството велат дека порано јавниот долг бил брзорастечки, што било забелешка и од меѓународните финансиски институции. Од 2008 година, наведуваат, од 23 отсто јавниот долг се удвои на 48,8 проценти од БДП во 2016 година.

– Како успеваме да го стабилизираме јавниот долг? Преку прудентна политика која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот: 1. буџетскиот дефицит и 2. сервисирањето на старите долгови. Буџетскиот дефицит преку постепена консолидација го намалуваме. Така, ако порано тој достигнувал и до четири отсто од БДП, годинава е намален на 2,3 проценти, а догодина ќе биде сведен на два отсто, односно е преполовен, се вели во соопштението.

Како што велат од Министерството, старите долгови, благодарение на враќањето на довербата на инвеститорите во економијата, се рефинансираат по неколкукратно пониски каматни стапки, споредено со претходниот период.

Соопштението на Министерството следи по денешната прес-конференција на дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која обвини дека првата аукција на државни записи за 2020 година на износ од 500 милиони денари со рок на доспевање од 12 месеци, претставува ново зголемување на јавниот долг.

– Оваа власт во заминување и понатаму продолжува да ја задолжува државата. Повеќе од јасно е дека денешното ново задолжување ќе го зголеми јавниот долг, но она што мене повеќе ме загрижува е фактот дека ние имаме повторно задолжување за непродуктивни трошења, потенцира Димитриеска Кочоска.

Министерството реагираше и на забелешките дека „не биле процесирани“ барањата од кабинетот на Димитриеска Кочоска.

– Во однос на забелешките дека не се процесираат барањата од кабинетот на дополнителната заменик министерка за финансии, сите барања доставени до Кабинетот се процесираат најбрзо можно, соопшти Министерството.