Македонија
29. January 2018 - 17:05

Метју Нимиц доаѓа на Балканот - два дена во Атина, два во Скопје

Премиерот Заев не ги открива позициите на земјава со кои ќе настапи пред медијаторот Нимиц, кој од денес ја почнува посетата на Атина и на Скопје. Заев вели дека нема да зборува од стратешки причини за да може да успее преговарачкиот процес.
 
,,Мене ми е драго што заедно сите чинители во општеството усогласивме аспект на наш пристап како Р. Македонија во преговарачкиот процес и поминуваме во таа следна фаза пред медијаторот Нимиц. Ќе ги кажеме сите наши ставови со сите наши аргументации. Во нашите ставови и тоа како има грижа за грчката страна за да гледаме што се случува и таму, свесни сме. Наша цел е да помине тоа и во Грција. Верувам дека и Грција, барем така беше презентирано пред мене од премиерот Ципрас, истовремено му е важно тоа што е решение да помине и во Македонија‘‘, изјави Заев.
 
За разлика од коалициониот партнер ДУИ, кој смета дека договорот со Грција треба да помине само во Собранието, Заев останува на ставот дека граѓаните ќе треба да го верификуваат истиот на референдум.
 
,,Тоа не е толку страшно, трагично или невозможно. Референдумот се организира согласно законите во брза постапка. Ако застанеме сите, пред се политичарите да ги соопштиме своите ставови ќе му помогнеме на нашиот народ, а нашиот народ ќе излезе и ќе си го каже својот став. Ова е пресуштествено прашање, но јас на оваа работа не гледам како на кочница, или на некоја бариера. Гледам како на дополнителна гаранција за Р. Грција, дека конечно ова решение е трајно, конзистентно и останува за век и веков‘‘, смета Заев.
 
Премиерот верува дека е можен национален консенсус за решавање на спорот.
 
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан во Брисел апелираше на консенсус и во Грција и ставање крај на повеќедеценискиот спор.
 
Истовремено потенциравме дека ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на државните и национални интереси. Со жалење може исто така да констатираме од она што можеме да го прочитаме деновиве по медиумите, дека за решавање на овој долгогодишен спор помеѓу нашата земја Република Македонија и соседна Република Грција. Сеуште во општеството и помеѓу политичките конкуренти во соседна Република Грција не постои консензус. Апелирам што е можно побрзо да се најде консензус и да дојде крајот на решавање на овој долгогодишен спор кој што Република Македонија го има со соседна Грција‘‘.
 
Спроти доаѓањето на Нимиц во Атина, во Грција се оценува дека претсои недела која ќе биде клучна за решавање на спорот за името.