Македонија
28. January 2021 - 10:34

Метаморфозис стана дел од Движењето за ограничување на масовниот биометриски надзор над граѓаните

По повод 28 јануари – Европскиот ден за заштита на личните податоци, Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис информира за своето вклучување во „Reclaim Your Face“.- меѓународно движење започнато од страна на членови на EDRi – Европска иницијатива за дигитални права, а со цел ограничување на користењето на системи за масовен надзор над граѓаните преку користење на нивните биометриски лични податоци.

Биометриските лични податоци, појаснуват од Метаморфозис, вклучуваат податоци за физичкиот изглед и за однесувањето на луѓето, отпечатоци од прст и од дланка, препознавање на лик, ДНК, ирис и ретина, глас, начин на движење. Биометрискиот надзор, пак, е секое надгледување, следење и обработка на биометриските податоци на лица или групи на лица на неселективен начин.  

– Се повеќе приватните компании се фокусираат на технолошки иновации со кои ќе можат да добијат што повеќе податоци за идентитетот на граѓаните преку нивните биометриски податоци, а државите воведуваат системи за биометриски надзор над граѓаните како што е видео надзорот на јавни површини и користењето на системи за собирање на отпечатоци од прсти. Овој тренд не запира иако Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR – General Data Protection Regulation) и националните закони се строги во поглед на обработката на биометриски лични податоци и бараат посебни анализи за оправданоста на користењето на системите за биометриски надзор врз основа на кои се оценува дали таквиот надзор воопшто ќе биде дозволен. Дури и во случаите кога некој систем за масовен биометриски надзор ќе биде дозволен, начелото на транспарентност мора да биде испочитувано. Граѓаните мора да бидат информирани на јасен и разбирлив начин за тоа кој, на кој начин, за која цел ги обработува нивните биометриски лични податоци како и за правото на согласнонст, онаму каде што тоа може да се примени, наведуваат од Метаморфозис. 

Движењето повикува на: транспарентност – eдинствениот начин да се води демократска и транспарентна дебата е да се откријат алатките кои се користат за масовен биометриски надзор и да се образложат и оправдаат мотивите за нивното користење. Се залагаат и за повлекување на црвени линии посочувајќи дека масовниот биометриски надзор над граѓаните е незаконски во Европската унија, а биометриските лични податоци се чувствителни лични податоци, па согласно тоа голем дел од начините на употребата на биометриските податоци не може да биде оправдана согласно законите. Црвените линии мора да постојат за да се избегне дискриминирачки третман кон граѓаните.

Се повикува и на почит кон луѓето и нивната приватност. – Зад оправдувањето дека надзорот ќе помогне во безбедноста и квалитетот на живот, всушност се гради култура на сомневање во граѓаните, нивните однесувања, навики, движење. Невозможно е да се има достоинствен живот доколку не се демонстрира почит кон слободната волја и слободниот избор, сметаат од меѓународното движење „Reclaim Your Face“.