Балкан
26. January 2019 - 11:36

Мета: Реципрочно признавање и зајакнување на соживотот меѓу Албанците и Србите

Албанскиот претседател Илир Мета синоќа го повтори ставот против идејата за корекција на границите меѓу Србија и Косово преку размена на територии и се заложи за зајакнување на соживотот меѓу Србите и Албанците во двете земји.

Ставот и заложбите тој ги изнесе на средбата во Тирана со екс-косовскииот вице-премиер и поранешен главен преговарач во српско-косовскиот дијалог со посредство на ЕУ, Едита Тахири, која исто така силно се спротивставува на идејата за корекција на границите.

– Задоволство ми е што имав срдечна средба со Едита Тахири, познат политичар и поранешен вице премиер на Косово. Независноста на Косово и нејзиното потврдување од страна на Меѓународниот суд на правдата, се две огромни достигнувања кои придонесуваат и за стабилноста на нашиот регион. Заокружувањето на косовско-српскиот дијалог треба да гарантира не само меѓусебно признавање, туку и да го зајакне соживотот помеѓу Србите и Албанците во двете држави, изјави Мета.

Според него, само така ќе се зајакне европската иднина на двете земји и регионот.

Тахири, како и Мета, беше против назначувањето на Косовецот Гент Цакај за министер за Европа и надворешни работи на Албанија, поради неговата подршка на идејата за корекција на границите.