Македонија
21. November 2017 - 14:55

Мета: Битолскиот Конгрес ја забрза процедурата за независноста на Република Албанија

Битолскиот Конгрес е исклучително важен настан бидејќи ја забрза процедурата за одржување на следниот уште поважен настан, а тоа беше независноста на Република Албанија, рече албанскиот претседател Илир Мета за време на денешната посета во Битола.

Шефот на албанската држава најнапред се сретна со градоначалникот на Битола Наташа Петровска, а потоа заедно го посетија Музејот на Албанската азбука во овој град.

- Исклучителна е честа како претседател на Албанија да го посетам градот Битола и да го искажам задоволството што се наоѓам на едно свето место за Албанците без разлика каде тие живеат, место каде што нашите најумни и најхрабри патриоти пред 109 години го направија унифицирањето на Албанската азбука. Битолскиот конгрес е исклучително важен настан бидејќи ја забрза процедурата за одржување на следниот уште поважен настан, а тоа беше независноста на Република Албанија, истакна Мета и јавно им се заблагодари на вицепремиерот Хазби Лика и градоначалникот Наташа Петровска за грижата што ја искажуваат за Музејот и за сите нивни планови за реставрација, надградба и збогатување на Музејот.

За време на посетата на НУ Музеј на Албанската азбука-Битола, Мета најави поддршка на активностите што ќе се организираат следната година поврзани со 22 ноември Денот на албанската азбука.

- Ние ќе бидеме во комуникација за да го дадеме нашиот придонес. Догодина славиме 110 години од Битолскиот Конгрес и овој настан е од исклучително значење за нас, но и за градот и државата Македонија воопшто. Убеден сум дека Битола ќе биде уште попосетена од Албанците, од учениците и студентите од Албанија кои треба да се запознаат со историјата и да бидат уште посвесни и поблагодарни за целокупната работа и придонесот на луѓето и нивните одлуки од пред 109 години донесени во Битола, рече Мета.

Албанскиот претседател за време на посетата на Битола ја покани градоначалничката на Битола, да ја посети и да соработува со општините од Република Албанија, за како што рече да изработуваме заеднички програми кои ќе овозможат уште поголема блискост, разбирање и љубов.

- Битола отсекогаш била културен, образовен, економски центар, значаен центар од секаков аспект. Каде и да се наоѓате, на која нација и да припаѓате, секогаш за човештвото најбитна е комуникацијата, разбирањето, градењето на довербата меѓу народите, а ова е еден од начините кој во пракса се покажува. Со високиот гостин на Битола денес разговаравме за најразлични форми на соработка од сферата на образованието, туризмот, економијата бидејќи тоа е од интерес на обете страни и јас верувам дека во иднина тоа и ќе се реализира, истакна градоначалникот на Битола Наташа Петровска која воедно го честиташе празникот 22 ноември Денот на албанската азбука.

Свечената програма продолжува утре со посети на Музејот на албанската азбука во Битола, а ќе заврши со свечен концерт кој ќе се одржи во големата сала на НУ Центар за култура.