Македонија
19. August 2018 - 17:08

Мерната станица во Гази Баба се уште на поправка, граѓаните алармираат на огромна загаденост

Веќе девет дена мерната станица за квалитет на воздухот во Гази Баба не покажува никакви податоци. Од Министерството за животна средина велат дека причина за таквата состојба е неисправноста на инструментот наменет за регистрација на количината на ПМ 10 честичките во воздухот. Расипаниот дел е на поправка и по неговото санирање, станицата повторно ќе биде пуштена во употреба.  

Градскиот инспекторат утврди дека најверојатен извор на отровниот воздух кој веќе десетина дена содржи повеќе од 400 ПМ 10 честички, претставува стопански субјект во рамките на поранешна Железара, кој работи со А-интегрирана дозвола велат од ДОМ. Прашуваат зошто Државниот инспекторат за животна средина сеуште не презема ништо.

По утврдување на евентуален позитивен наод, мора да го спречи загадувањето и да изрече казна. Доколку не го направи тоа во најскоро време, ќе ја сметаме оваа институција за соодговорна за енормното загадување на Гази Баба последниве денови, а јавноста треба да дознае кој и кого го штити, на сметка на јавниот интерес и здравјето на граѓаните, се вели во соопштението од ДОМ.

Претходно и голем дел од еко активистите реагираа на ваквата состојба со загаденоста на воздухот во Град Скопје. Побараа надлежните институции навреме да преземат мерки со кои ќе ги санкционираат загадувачите, а не да чекаат да дојде зимата.

Бранислав Јанески Сител ТВ