Бизнис
26. јуни 2017 - 19:39

Мермерен Комбинат Прилеп менува сопственик, се продава на грчката компанија Павлидис за 73 милиони евра

Мермерен Комбинат Прилеп се продава на грчката компанија за мермер и гранит Павлидис. Според информациите кои комбинатот ги објави на Македонска берза, компанија Стоунворкс, која регистирирана во Холандија и која поседува 88,4% од акционерскиот капитал, го продава целосно својот удел на грчката компанија за 73 милиони евра.

Сумата беше објавена дополнително, како што соопшти Мермерен, на барање на Комисија за хартии од вредност на Грција, а предизвикано од разни објави и претпоставки за износот на продажната транскација во грчката јавност.

Финалниот договор за продажба меѓу Павлидис и компанијата во сопственост на приватни еквити фондови Стоунворкс, е потпишан и комплетирањето на транскацијата е единствено условено со добивање на одобрение за зделката од страна  Комисијата за заштита на конкуренцијата.

При тоа менаџментот на Павлидис и Мермерен изјавија дека двете компании на овој начин ќе ја зацврстат позицијата на меѓународните пазари. Грчката компанија која постои од 1980 на својот веб сајт вели дека извезува во 40 земји, а нејзиниот мермер е вграден во хотели, метроа, музеи и други објекти низ светот. Сопственик е на ископи на мермер низ Грција, како и на Флорида.

Мермерен комбинат Прилеп работи од 1946-та и, како што наведува на веб страницарта, е светски лидер во извоз на бел мермер. Располага со концесија за ископување на 1,9 квадратни километри, што претставува најголема површина за ископ на бел мермер во светот.