Македонија
5. February 2017 - 20:17

Мерките и казните даваат ефект - Се намалуваат кражбите на дрво

За пет години кражбите на огревно дрво во струмичко се намалиле за околу 95%. Од близу 2500 кривични и прекршочни пријави во 2012 година, подружницата на Македонски шуми во Струмица минатата година ја завршила со 20 кривични и 87 прекршочни или вкупно 107 пријави за цела година, податок  кој покажува драстично намалување на  бројот  на прекршители. Од шумското стопанство Беласица  велат дека сето тоа се должи на акцијата Гора, зачестените контроли, подобрените услови за работа и новата опрема  на шумочуварската служба како и на поволностите за набавка на огревно дрво кои беа овозможени од страна на државата.

-За нас како подружница ова е многу значаен момент затоа што навистина дивата сеча во огромна мера е застаната и дрвосечачите кои што порано навистина правеа огромни штети сега истите се занимаваат или со други работи или пак се насочија во легалната сеча, односно ги инволвиравме во нашите фази за производство на легално посечено дрво, вели Кире Михаилов раководител на ПШС ,, Беласица - Струмица

Од подружницата на Mакедонски шуми во Струмица велат дека поради екстремно ниските температури на почетокот од оваа година бил регистриран зголемен број на обиди за нелегална сеча, но истите навреме биле откриени и санкционирани. Поради дебелината  на снжената покривка во шумите обидите за кражби на дрво последните дваесетина дена биле регистрирани околу урбаните средини и патиштата, но најголемиот дел од дрвокрадците  биле откриени и спречени во намерата.