Свет
2. јуни 2016 - 18:35

Меркел: Владата на Германија е подготвена да помогне во дијалогот меѓу Турција и Ерменија

Владата на Германија е подготвена да помогне за остварување на дијалог меѓу Турција и Ерменија, вклучувајќи го и прашањето за реконструирање на настаните што се случиле за време на Османлиската империја, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел, коментирајќи го усвојувањето на резолуцијата од страна на Бундестагот, со која се прогласени за геноцид убиствата на Ерменците од страна на османлиската војска за време Првата светска војна, јави ТАСС. 

- Германија и Турција се поврзани со многу нешта, нагласи таа, и напомена дека во Германија живеат околу три милиони граѓани со турско потекло. 

- Затоа јас и целата германска Влада сме подготвени да придонесеме за остварување на дијалог меѓу Ерменија и Турција, изјави Меркел на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг. 

- Германија има сестрани и силни односи со Турција и покрај разликите околу некои прашања, истакна Меркел. 

- Дури и кога имаме несогласување за некои прашање, сестраноста на нашите односи, нашето пријателство и стратешките врски се огромни, нагласи германската канцеларка, и додаде дека Германија се стреми кон подобри односи со Анкара. 

Генералниот секретар на НАТО нагласи дека темата за гласањето во Бунедестагот за геноцид врз Ерменците за време на Османлиската империја не е актуелна за Алијансата, бидејќи Ерменија не е нивна членка. 

-Турција е сојузник на НАТО, Ерменија е ценет партнер, но гласањето на резолуцијата не е тема во која Алијансата може да биде вовлечена, посочи Столтенберг, јави ТАСС.