Свет
14. March 2018 - 14:09

Меркел положи заклетва за четврти мандат како германска канцеларка

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска положи заклетва за четврти мандат на функцијата.

Меркел се заколна со „Божја помош да ги посвети сите свои сили, за да работи за доброто на германскиот народ“ и „да ги почитува и брани Уставот и законите на федерацијата“.

Церемонијата ја водеше претседателот на Парламентот и поранешен министер за финансии Волфганг Шојбле. Министрите во новата 16-члена Влада ќе положат заклетва денеска попладне.

Се очекува Меркел утре во Париз да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, со што ќе се истакнат блиските врски меѓу Франција и Германија, кои се основна движечка сила во Европската унија.

Долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот претходно денеска ја реизбра Меркел, која е лидерка на Христијанско демократската унија (ЦДУ), за нов, четврти, мандат на функцијата канцелар на Германија.

За изборот на 63-годишната Меркел гласаа 364 пратеници, 315 беа против, а деветмина се воздржаа од гласање.

- Го прифаќам изборот, изјави Меркел по гласањето.

Владината коалиција на Меркел, во која покрај ЦДУ, влегуваат и нејизната сестринска партија, баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), има вкупно 399 места во 709-члениот Бундестаг.

Трите партии ја сочинуваа и досегашната „голема“ владина коалиција, но формирањето на новата Влада не одеше лесно, па Меркел е резибрана на функцијата дури 171 ден по изборите, одржани на 25 септември минатата година.

Договорот за новата коалициска влада беше потпишан во понеделникот од лидерите на трите коалициски партии - Меркел од ЦДУ,  Олаф Шолц од СПД и Хорст Зехофер од ЦСУ.

- Пред речиси половина година, бирачите ни дадоа задача за создавање стабилна влада и патот до неа беше се, само не едноставен, изјави Меркел на потпишувањето на договорот.

Шолц пак од своја страна, рече дека коалицијата не е „брак од љубов“, туку дека партиите ќе владеат заедно.

Коалицискиот договор е на 117 страни и во него покрај стандардните теми, има и неколку специфични планови како воведување на финансиска помош за користење домашни услуги за самохраните родители, за постарите лица или за оние кои негуваат членови на семејството, како и поттик на развојот на лозарството.

Идната влада сака да ја поддржи иницијативата за е-спортот да стане олимписка дисциплина, што значи и развој на електронскиот спорт.

Германската влада, исто така, ќе побара Европската комисија да го преиспита статусот на волците како заштитени видови, а потоа да се одредува во кои ситуации волците смеат да се убиваат заради заштита на луѓето или стоката.

Во документот е искажана и загриженост околу исхраната на Германците и бидејќи владата не може да ги натера луѓето да јадат повеќе зеленчук и овошје, ќе биде развиена Национална стратегија за редукција, чија цел е намалување на шеќерот, солта и маснотиите во пиците, супите од кесичка и другите прехрамбени продукти.

Членови на новата влада од редовите на ЦДУ ќе бидат анестезиологот Хелге Браун, кој важи за човек кој од позадина има големо влијание врз носењето одлуки во партијата, како министер без ресор, Петер Алтмајер како министер за правда и Јенс Шпан како прв човек на Министерството за здравство.

Досегашната министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен од ЦДУ и натаму ќе раководи со истиот ресор, додека на чело на Министерството за земјоделство ќе биде „новата надеж на демохристијаните“ Јулија Клекнер.

Министерка за образование и наука ќе биде Ања Карличек, а ЦДУ ќе ги даде и државните министри за интеграција и за култура, на кои функции ќе застанат Анете Видман-Мауц и Моника Гритес.

Сестринската ЦСУ го доби Министерството за внатрешни работи, со кое ќе раководи Зехофер, а од редовите на оваа партија ќе биде и новиот министер за сообраќај Андреас Шојлерер, кој важи за еден од најблиските соработници на партискиот лидер, како и новиот прв човек на Министерството за развој, Гер Милер. Од редовите на ЦСУ член на новиот Кабинет на Меркел ќе биде и државниот министер за дигитализација Доротеа Бер.

СПД ќе ги даде новиот вицеканцелар и министер за финансии во ликот на лидерот Шолц, потоа новиот шеф на дипломатијата Хајко Мас, кој досега беше министер за правда и заштита на потрошувачите, како и Хубертус Хајл, кој ќе раководи со Министерството за труд. 

Социјалдемократите го задржуваат ресорот за правда, со кој сега ќе раководи поранешната генерална секретарка на СПД и досегашна министерска за женски прашања, Катарина Барлеј, додека нови министерки за семејство и за заштита на животната средина ќе бидат Франциска Гифеј и Свења Шулце.