Свет
4. February 2018 - 14:14

Меркел очекува тешки коалициски преговори

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека не е сигурна кога ќе завршат преговорите меѓу претставниците на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ), сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), за состав на нова владејачка коалиција.

Таа напомена дека очекува преговорите да бидат тешки. 

- Денеска повторно се собравме тука на последниот круг од преговорите, нагласи германската канцеларка, пред почетокот на разговорите. 

Таа додаде, дека и покрај добрата подготвителна работа, се уште се останати важни прашања кои треба да се решат.

- Денеска ги започнуваме резговорите со добра волја, но очекувам, дека денеска ќе водиме тешки преговори, истакна Меркел.

Како што претходно јави МИА, последната рунда преговори за формирање на коалициска влада во Германија започна денеска, а двете страни во преговорите, конзервативците и социјалдемократите, очекуваат крај на разговорите, меѓутоа не е исклучена можноста преговорите да бидат продолжени за уште два денови.

Ако денеска се постигне договор, тој треба да биде одобрен од членовите на Социјалдемократската партија.

Претставничката на Социјалдемократската партија Мануела Швезиг посочи дека „уште многу прашање останале отворени“.

Страните во преговорите го поставија денешниот ден како краен рок за постигнување на договор, меѓутоа оставени се уште два дополнителни денови, доколку е потребно да бидат продолжени.