Македонија
13. јуни 2019 - 16:12

Меркел најави одлука во септември, Заев задоволен дека преговорите ќе стартуваат годинава

Германскиот Бундестаг до крајот на септември ќе одобри унијата да ги стартува преговорите за членство со земјава, првите поглаваја би се отвориле до крајот на годинава.

Вакво уверување премиерот Заев денеска доби лично од германската канцеларка. На средбата  Меркел потенцирала дека Македонија го испорача очекуваното, и дека целиот овој процес треба да биде заокружен со интегрирањето во Унијата.

На средбата се потврди дека во Германија, како и во другите земји членки, неоспорно се признаени резултатите од реформите кои се потенцирани во извештајот на Европската Комисија и дека позитивно се гледа на препораката на ЕК за започнување на преговори за членство во ЕУ. Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора, напиша премиерот Заев на facebook веднаш по средбата.

Соопштение по средбата испрати и кабинетот на Меркел но во него не се споменуваат европските перспективи на земјава.

Во соопштението се наведува дека Заев и Меркел разговарале за односите помеѓу двете земји и за надворешно-политички прашања. На крајот од сооптението е наведено дека Германија и Франција поставиле цели за зацврстување на стабилноста на регионот и дека важна компонента во оваа насока е надминувањето на спорот за името Македонија.

Ставовите на Меркел ги потврдуваат и пратеници од нејзината партија ЦДУ. Германски ФАЦ ја пренесува изјавата на пратеникот Вадефуп кој вели дека првите поглавја од преговорите со земјава ќе се отворат во декември и дека Берлин не ја разбира незвората во Скопје ниту сеењето страв за можно зголемено влијание на трети земји во регионот.