Свет
7. October 2015 - 18:26

Меркел и Оланд ја повикаа Европа на единство

Францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел денеска во заедничко обраќање во Европскиот Парламент во Стразбур повикаа на единствен европски одговор на многубројните предизвици со кои Европа се соочува.

Ова е првпат од 1989 година лидерите на Франција и Германија заедно да настапат во Парламентот, кога по падот на Берлинскиот ѕид на европратениците им се обратија Жак Ширак и Хелмут Кол.

И Оланд и Меркел во денешното обраќање се осврнаа на тој историски преседан и укажаа дека „Европската унија е на историска крстосница“.

-Бегалската криза ќе ја промени Европа, како што се промени и пред четртина век, рече Меркел, која од пратениците беше испратена со громогласно ракоплескање.

Таа потсети дека и тогаш постоеше отпор за обединувањето на Европа заради стравот од навала на сиромашни граѓани од источниот дел на континентот, но на крајот се покажа дека храброста се исплати бидејќи ЕУ денеска е послобода и поразноврсна од било кога претходно.

„Нема причини денеска да бидеме обесхрабрени, посилни сме заедно отколку одвоено“, кажа канцеларката.

Во својот говор Оланд констатира дека, освен со проблемот на бегалците, ЕУ истовремено се соочува со економска криза и безбедносни предизвици заради војната на Блискиот Исток и во Украина, како и со заканата од тероризам.

- Секоја криза раѓа страв, но не смееме да дозволиме тоа да не совлада, порача Оланд и додаде дека не треба да му се угодува на природниот порив секој да се повлече во оклопот на своите граници и да гледа само на своите интереси.

-Единствено решение е силна Европа, а Франција и Германија се залагаат за заедничка политика, рече тој.

Оланд  истакна дека таа политика мора да се темели на соработка и солидарност, не само внатре во ЕУ, туку и со земјите од Блискиот исток и балканските земји кои се најдоа на бегаскиот пат.

И Оланд и Меркел  укажаа дека бегалската криза е резултат на неуспехот на ЕУ да ги реши воените судири на Блискиот Исток и во Африка и да им помогне на бегалците во околните земји.

-Бавно реагиравме на барањата за помош на оние кои се збиени во бегалските кампови, рече Оланд, додека Меркел изјави дека, и покрај своите инструменти, ЕУ не успеа да го стабилизира Блискиот Исток.