Свет
27. January 2017 - 15:44

Меркел и Оланд апелираат за единство на Европа

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд денеска ја потенцираа неопходноста од европското единство пред порастот на внатрешни и надворешни закани, вклучително и интензивирањето на популизмот во Европа и заканите на САД да се откажат од слободна трговија.

- Европа се соочува со големи внатрешни и надворешни предизвици, со кои можеме да се справиме само ако заедно работиме. Има потреба од недвосмислен заеднички ангажман во Европска унија, за тоа што сме го постигнале и за вредностите на нашите либерални демократски демократии, посочи Меркел на заедничката прес-конференција со Олан во Берлин.

Оланд како голема закана за ЕУ ги посочи популистите.

- За да бидеме чесни, заканата по Европа не е само однадвор. Има закана и одвнатре. Тоа е порастот на екстремизмот, кој ги користи надворешните фактори за да предизвика раздор внатре, посочи Оланд.

Тој како предизвик за ЕУ ја оцени и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. посебно ставот за трговските правила и ставот за надминување на светските конфликти.

- Треба да разговарам со Доналд Трамп бидејќи тој е избран за претседател на САД од Американците, но тоа треба да го направам со европскo убедување и за заштита на нашите интереси и вредности, наведе Оланд.

И Меркел изрази вознемиреност од последните случувања во САД, но не прецизираше.

- Новите предизвици ја засегаат заштитата на слободно општество, како и слободната трговија, наведе Меркел.