Македонија
30. јуни 2019 - 16:04

Меркел ги пофали Заев и Ципрас, на Западен Балкан му порача дека има многу работа на патот кон ЕУ

Државите од Западен Блакан ќе почекаат на членство во Европската унија. Тие имаат европска перспектива, но постојат и многу услови што треба да ги исполнат. Германската канцеларка Ангела Меркел ја испрати оваа видео порака на пет дена од новиот состанок на берлинскиот процес посветен на регионот, а кој треба да се одржи во полскиот град Познањ.

Многу германски граѓани имаат лични односи со луѓето од Западен Балкан, многу луѓе од Западен Балкан живеат во Германија и претставуваат мост меѓу тие држави. Граѓаните од тој регион се наши соседи и нивната перспектива е да станат дел од ЕУ, ако ги исполнат сите услови.... Денес состојбата во Западен Балкан е мирна, но има предизвици кои треба да решат и потребно е да се исполнат условите за да се подготват земјите за влез во ЕУ. Патот е се уште трнлив, рече Ангела Меркел

Ова е втора изјава на Меркел месецов со која се дава до знаење дека далеку е целосно интегрирање на Македонија во Европската унија. Токму тоа што германскиот Будентстаг не разговараше за македонските евроинтеграции беше најгласната причина поради која Европскиот совет го одложи доделувањето на датум за преговори дури во октомври.

Германската канцеларка во видео пораката посочува дека воените конфликти во Западен Балкан од 90-тите години се надминати, но дека меѓу државите се уште постојат отворени спорови кои треба да бидат решени. Како позитивен пример, како тоа се прави, Меркел го посочува Преспанскиот договор.

- Со политичка храброст, премиерите на Северна Македонија Зоран Заев и на Грција Алексис Ципрас успеаја да го решат тој конфликт, и со тоа се отвора перспективата на Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ и влез на земјата во НАТО, изјави Меркел

Берлинскиот процес е иницијатива која  Меркел ја почна во 2014 година за државите од западен Балкан со цел да го олесни приближувањето на државите од регионот кон Европската унија. Главни прашања се инфраструктурата, изградба на регионални автопатишта и железници, поголема соработка во делот на науката, академските работници, политиките за задржување на младите луѓе. Освен финасиска помош, Меркел ветува дека ќе ги ислуша и самите земји од регионот за тоа кои се нивните попалки и како се одвива соработката со ЕУ.