Балкан
25. October 2021 - 9:46

Мерката пар-непар одново се воведува во центарот на Атина за да се намали сообраќајниот метеж

По пауза од речиси две години, од утрово во центарот на Атина се враќаа сообраќајните ограничувања, односно одново се воведува мерката пар- непар за возилата со цел да се намали сообраќајниот метеж, јави дописничката на МИА од Атина.

Возилата со регистарски таблички што завршуваат со парни броеви можат да влезат во конкретно дефинираното централното градско подрачје, само во парни денови од месецот, додека оние што завршуваат со непарни броеви можат само во непарни денови.

Исклучок од мерката има за електричните, хибридните и возилата на природен гас, за ЕУРО 6 автомобилите кои испуштаат под 120 грама на километар јаглерод диоксид, за автомобилите на државните служби, како и на странските дипломатски мисии во Грција, за автомобилите со странски регистарски таблички, за постојаните жители на центарот на Атина, како и за претставници на медиуите, политичките партии итн, но со ограничен број.

Мерката стапи во сила денеска, а ќе важи до 22 јули 2022 година, од понеделник до четврток од 7 до 20 часот и во петок од 7 до 15 часот, додека пак за прекршување, предвидена е казна од 100 евра.

Откако во Грција се укинаа речиси сите рестрикции воведени поради пандемијата, центарот на Атина се соочи со огромен сообраќаен метеж, веројатно поради тоа што граѓаните одбраа да користат автомобили за да го избегнат јавниот превоз.