Бизнис
10. February 2020 - 8:38

Мерката 3 од ИПАРД привлечна за винарниците

Над 13 милиони евра им стојат на располагање на винарниците од Македонија, пријавувањето е до 11 февруари, но надлежните најавуваат дека може да биде продолжено за уште две недели поради обемната документација што треба да ја достават заинтересираните. Мерката 3 од ИПАРД 2014 – 2020 се однесува за инвестиции во преработувачките капацитети во кои влегуваат и винарниците, а беа претставени од Телото за управување со ИПАРД при МЗШВ и од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој на инфоден.

Како што појасни за МИА, Живко Брајковски од Телото за ИПАРД при МЗШВ, целта на инфоденот е на присутните претставници на винарниците како потенцијални апликатори на јавниот повик е да им се прикаже Мерката 3 преку ИПАРД-програмата на ЕУ за рурален развој  2014 – 2020, а преку која можат и тие да аплицираат за свои инвестиции во основни средства за преработка.

На инфоденот наменет за винарниците беше претставена и Мерката 1 што е наменета за примарно земјоделско производство, а која треба да стартува од 15 февруари до крајот на февруари.

За неа веќе има интерес кај винарниците, а затоа што тие преку оваа мерка на ИПАРД можат да инвестираат во нови лозови насади и набавка на системи за снабдување со вода – капка по капка.

Организаторите ја претставија и Мерката 7 за диверзификација на фарми и развој на бизниси, која е интересна и за винарниците од аспект на тоа што може да инвестираат во сали за дегустација и слични објекти во функција на винарницата. За оваа мерка веќе заврши јавниот оглас и има поднесено 260 апликации во висина од над 30 милиони евра.

Мерка 3 од ИПАРД инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи

За Мерката 3 од ИПАРД-програмата, покрај другите преработувачки капацитети, може да конкурираат и винарниците, па и оние што претходно добиле финансиски средства од ИПАРД-програмата 2014 – 2020. Може да конкурираат со неколку проекти, но услов за овој период  2014 – 2020 е нивните инвестиции да не надминуваат 4,5 милиони евра во денарска противвредност.

Тој појаснува дека треба прво да инвестираат сопствени средства, па потоа преку ИПАРД-програмата од ЕУ ќе добијат 50 отсто од нивната инвестиција, која е инвестирана во набавка на опрема. Овие средства 75 осто се од ЕУ-фондовите и 25 проценти е кофинансирање од државата.

– Оваа мерка е позначајна за преработувачката индустрија, бидејќи преку неа може да се инвестира во сите преработувачки индустрии што се во агрокомплексот и таа е првенствено наменета за прераборувачката индустрија, меѓутоа непосредно преку прераборувачката индустрија корист имаат и земјоделците. Односно со проширување на капацитетите на винарските визби се проширува и пласманот, потенцијалот каде што лозарите може да го предаваат своето грозје, појаснува Брајковски.

Тој информира дека за оваа ИПАРД-мерка веќе постои голем интерес кај винарниците од земјава. За тоа потенцира дека е потврда и инфоденот во винарницата „Стоби“, на која повеќето присутни претставници на винарници од Скопје, Штип, Неготино, Росоман, Струмица и домаќините винаријата „Стоби“ од Градско, веќе биле корисници на средства од ИПАРД и се подготвуваат повторно да аплицираат за добивање нови.

Цели на Мерката 3 од ИПАРД

Како што информира пред присутните Александар Антевски од МЗШВ, оваа мерка ќе го поддржи развојот на човечките и физичките ресурси да се справи со конкурентскиот притисок и со силите на пазарот, сè со цел да му се помогне на земјоделскиот сектор постепено да се усогласи со стандардите на ЕУ. Мерката воедно ќе помогне и во справување со предизвикот со климатските услови, промовирајќи ефикасност на употреба на ресурсите и обновливите извори на енергија. Покрај ова, со имплементацијата на оваа мерка се очекува подобрување на вкупните перформанси, економската продуктивност и конкурентност на претпријатијата за преработка на храна, и тоа преку: подобрена употреба на факторите на производство, запознавање со нови производни процеси и технологии, зајакнување на синџирот за набавка и координација помеѓу преработувачите и производителите, подобрување на квалитетот и безбедноста на храната и нивната проверка, постигнување усогласеност со стандардите на заедницата и унапредување на заштитата на околината.

Што е ИПАРД-програмата 2014 – 2020

Таа е програма што овозможува пристап до фондовите на ЕУ, наменети за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој.

Како што појаснуваат од ИПАРД-телото при МЗШВ, основните очекувани придобивки од оваа програма се подобрување на стандардот на земјоделците, подобрување на пазарната конкурентност и ефикасност, зголемување на вработеноста во руралната средина, подобрување на ветеринарните стандарди и зголемена заштита на животната средина.

Винарниците за Мерката 3

Драган Ванов од винарницата „Венец“ од Долни Дисан, Неготино, за МИА информира дека и досега имаат користено средства од ИПАРД: за опрема во винарницата и во примарно земјоделско производство за набавка на земјоделска механизација. На јавниот повик од Мерката 3, што е во тек, а бидејќи се однесува за набавка нова опрема во винарницата, планираат да аплицираат за доопремување на винарницата.

– Оваа мерка е одлична за нови градежни инвестиции и за набавка на нови машини. Финансирање со 50 проценти од инвестицијата е голема помош во услови какви што се сега. Се набавува опрема што е во прилог на подобрување на квалитетот на виното како производ на винарницата. Тоа, од друга страна, ќе придонесе кон подобра продажба, а на крај и за подобра заработка и други поволности за нас винарниците, потенцира Ванов.

Освен големите, и малите фирми да се поддржат со ИПАРД

Трајче Грков, сопственик на „Грков вињак“ од Кавадарци, информира дека има склад за производство на жестоки пијалаци. Бидејќи со Мерката 3 од ИПАРД-програмата се помага само производството на вино, а не на жестоки пијалаци, тој на инфоденот дошол да се информира  и да види кои се можностите на нивната дестилерија и со можнoст да започне и со  производство на вина и тоа на одбрани поскапи нестандардни вина, како посебни селекциии.

– Двапати досега сум аплицирал за ИПАРД-програма за друга област – супституција на енергија, но морам да истакнам од моето искуство не е баш најдобро, бидејќи за нашите мали компании потребната документација за ИПАРД е многу обемна и тешка имајќи ги предвид во нашите услови за работа на нашите компании. Така што компаниите не можат да конкурираат без да направат некоја грешка. Јас како мала фирма досега не успеав да земам средства од ИПАРД бидејќи како прво имаше долги рокови на чекање како од собирање на апликациите, па сè до добивање на резултатите. Еднаш аплицирав, вторпат аплицирав и уште чекам безисходно и тоа не е добро и треба да се смени, смета Грков.

Тој сугерира до надлежните да имаат тимови што ќе им даваат поддршка на малите производители, бидејќи и тие се декларираат дека и малите производители треба да имаат развој.

– Па, мислам дека само така ќе можат да се доближат до фирмите производители на разни продукти од овие аспекти што се интереси за финансирање од ИПАРД, потенцира Грков.

Никола Љуботенски од винарницата „Имако вино“ од Штип информира дека досега не аплицирал за ИПАРД-програмата и затоа дошол на инфоденот подробно да се информира за условите и критериумите за аплицирање и потребната документација.

– Ние преку ИПАРД, конкретно преку Мерката 3, за која јавниот повик што е во тек, ги гледаме можностите за инвестирање во опрема за модернизирање на производствените капацитети, појаснува Љуботенски.

Се надеваме дека ќе ги постигнеме потребните услови со што преку ИПАРД ќе добиеме финансирање со 50 проценти од инвестицијата, што е одлична можност да инвестираме за набавка на нова опрема за нашата винарница, очекува Љуботенски.

Тој информира дека во овој дел од нивната винарница, каде што планирата инвестиција нивниот капацитет е два милиони литри, а нивната винарница сега извезува во земји од ЕУ, во Канада и на источните пазари.

ИПАРД – единствена можност за обновување на старата дотраена опрема со нова

Милица Глигоровска од винарницата „Сковин“ ни појаснува дека сега првпат аплицираат за ИПАРД, и тоа преку Мерката 3.

– Ние имаме нови сопственици и сега веќе имаме можност и услови да аплицираме за опрема и градежен зафат во винарницата, најавува Глигоровска.

Таа појаснува дека преку ИПАРД, освен што им се намалуваат трошоците за 50 проценти, со набавка на нова опрема, која има многу поголеми можности – перформанси што им е и посебно важно, многу ќе им се зголеми квалитетот на вината. Воедно инвестиците во градежните зафати ќе им ги олеснат работите во винарницата.

Таа додава дека ова за нив е голема инвестиција со која планираат да реобноват 40 проценти од постојната застарена опрема на винарницата „Сковин“.

Досега винарницата „Сковин“ не користела средства од ИПАРД, затоа што била дел од корпорација и не исполнувала услови за користење на ИПАРД-програмите.

– Програмата ИПАРД за нас е многу значајна затоа што ни нуди единствена можност да ја обновиме сегашната стара опрема со набавка на нова, потенцира Глигоровска.

Таа најавува дека планираат да аплицираат и на јавниот повик и за Мерката 1 од ИПАРД што ќе стартува наскоро во февруари, а за обновување на старите лозови насади и засадување нови.

Успешно реализирани проекти од ИПАРД-програмата

Перо Моцан од винарницата „Мовино“ од Росоман пред присутните презентира свои успешни  искуства од програматата на ИПАРД, а најави и ново аплицирање.

Организаторите на инфоденот заклучија дека тоа само по себе потврдува за одличните можности за инвестирања преку ИПАРД-програмата.

Во разговорот за МИА, тој оцени дека генерално неговите искуства се позитивни со ИПАРД-програмата за која долго се подготвувале, а единствена забелешка му беше обемната документација и некои нелогичности.

Во таа насока тој наведе пример за посебна изјава заверена кај нотар за набавка на нова опрема што се бара како документ, иако барателот веќе има документ со сметка за набавена нова опрема и притоа изнесе уште некои поситни забелешки.

– Сепак, крајните ефекти за нив како винарница се многу позитивни и без финансиска поддршка од ИПАРД. Ние немаше да го постигнеме нивото што сега го имаме во нашето производство, потенцира Моцан.

Тој ни појаснува дека добиле средства од ИПАРД-програмата за набавка на разновидна опрема за нивната винарница во вредност од 555.225 евра.

Им порачува на сите сопственици на винарници и на сите земјоделци да размислуваат, но и да аплицираат на јавните повици за ИПАРД-програмата по разните мерки, а во согласност со која од мерките тие како дејност се опфатени.

– Треба да бидат прецизни со документацијата за која во упатството точно е наведено што сè е потребно за аплицирање и да се придржуваат кон тоа и што е најважно да биде целосно, им порача на своите колеги Моцан.

Инаку, винарницата „Мовино“ од Росоман е извозно ориентирана и 95 проценти од своето производство го пласира на пазарите во Германија и мал дел од виното извезува во Хрватска, Словенија, Јапонија и Канада.

Винарниците бараат олеснување на документацијата за аплицирање за ИПАРД

Сопствениците на винарници реагираат на преобемната документација со која треба да аплицираат на јавите повици за добивање средства од ИПАРД. Додадоа и примери за некои нелогичности што се бараат од нив да се приложат, како на пример, нивна изјава за набавена нова опрема заверена кај нотар, иако приложуваат писмен документ за набавена нова опрема.

Претставниците на МЗШВ појаснуваат дека засега сè е под контрола на строгата контрола на претставниците на ИПАРД од ЕУ, а за прифаќање и на минималните забелешки процедурата е од шест месеци нагоре.

Сепак, Живко Брајковски на крајот од расправата на инфоденот за ИПАРД-програмата, на претставниците и сопствениците на винарници им вети дека тој и неговите колеги од МЗШВ и АФПЗРР ќе се обидат да издејствуваат олеснување на обемната документација од страна на  надлежната комисија од ЕУ за ИПАРД.

Антоанела Димитриевска/МИА