Македонија
9. April 2018 - 12:51

Мерѕос за МИА: Со чесен договор за 20 години нема да има никакви двоења

Потребно е да се најде решение на проблемот со името, а со еден чесен договор, нема да постојат никакви двоења, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина, Никос Мерѕос, грчки писател, историчар, новинар, поранешен советник на неколку грчки премиери и поранешен претседател на грчкото „Друштво за македонски студии“.

- Потребно е да се најде решение. Точка. Ова требаше да се заврши уште во 1992-1993. Тогаш разговарав јас со Глигоров, бевме многу блиску. Второ, треба да се стабилизира и вашата држава и нашата држава. Затоа што овие работи се меѓусебно поврзани. Им велам, Вардар стигнува до Солун, во ред, ние едната половина ја нарекуваме Аксиос, но е истата река. Треба да најдеме решение и едниот народ да не го навредува другиот. Особено посилниот да не го навредува послабиот, но и послабиот да покаже разбирање, да покаже вистинско пријателство. Јас сум сигурен, убеден сум, од она што го имам поминато во животот, дека ако се постигне договор, со чесен договор, за 20 години нема да постојат никакви двоења, објаснува Мерѕос.

Никос Мерѕос

Мерѕос во изминатиот период, преку текстовите и обраќањата во Грција, повикува да се реши проблемот, а неговиот став се поклопува со оној на грчката влада – договор со сложено име.

- Решението треба да биде со сложено име. Ние викаме Македонија е грчка, јас сум Македонец - Грк, Борисов е Македонец - Бугарин. Има Евреи - Македонци. Вие сакате монопол, само-идентификувајте се како што сакате, но да се разликува еден од друг, вели Мерѕос во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа дали името треба да биде на македонски јазик, без превод, според грчкиот писател би било добро да е така, но не е нешто што е задолжително.

- Добро ќе биде да е на вашиот јазик. Но, ако една странска земја, сака да го преведе името на пример North Macedonia, што ќе правиме? Ќе ја тужиме?, коментира Мерѕос.

Никос Мерѕос

Во март 2016, околу 100 македонски студенти, заедно со седум професори со цел подобро запознавање, градење доверба и пријателство, меѓу младите, но и воспоставување соработка меѓу академските заедници, беа во тридневна посета Солун, по покана на невладината „Друштво за македонски студии“, чиј прв човек, во минатото, беше токму Мерѕос. Навраќајќи се на тридневната посета, тој вели дека била многу корисна и испратила пријателска порака кон Грција.

- Беше многу добро искуство. Затоа што пораката не беше кон студентите, пораката беше кон Грција, и за тоа имам пишувано и сега, кога излегоа со знамињата. Им велам соседи сме, сакате - не сакате ќе живееме заедно, вели грчкиот писател и новинар и потенцира дека е корисно почесто да се одржуваат вакви средби.

Оние за кои Мерѕос вели дека „излегоа со знамињата“, всушност се демонстрантите што во Солун и Атина „го бранеа името Македонија“, а кои Мерѕос, како што вели за МИА, ги повикува за време на викендите да дојдат во Солун да прошетаат и да видат дека повеќето се македонски туристи кои воопшто немаат намера „да го ослободат Солун“.

Според медиумите во Грција, Мерѕос бил еден од организаторите на протестите за Македонија во 1992- та, 26 години подоцна, не ги поддржа демонстрациите во Солун и Атина и континуирано вели, истото она што го кажува и за МИА, дека е потребно да се постигне договор со сложено име.

Пред две седмици, Никос Мерѕос, во грчкото МНР ја промовираше неговата нова книга „Македонското прашање“, а на промоцијата, како што тогаш објави МИА, говореа шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос и лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис.