Бизнис
3. November 2015 - 15:58

МЕПСО го изгради новиот далекувод на границата Македонија-Србија

МЕПСО го изгради новиот 400 киловолтен далекувод, лоциран на границата на Македонија и Србија во атарот на селото Татариновац.
 
Електромонтери на изведувачот  „Енергомонтажа“ денеска ги финишираа активностите за поврзување на последниот столб од македонска страна, со првиот столб  кој се наоѓа на подрачјето на Србија. Увид во работите на терен, изврши генералниот директор на МЕПСО,Синиша Спасов.
 
Тековниот проект чини над 11 милиони евра.далекуводот се протега во должина од 70 километри од Штип до македонско-српската граница.
 
- На лице место сме на градбата на  далекуводот, кој преставува интерконективно поврзување на електропреносните системи на Р.Македонија и Р.Србија, значи помеѓу МЕПСО и „Електромрежа„ Србија, изјави директорот Спасов.
 
Во однос на техничките карактеристики на далекуводот, генералниот директор на МЕПСО, потенцираше дека на македонска страна должината на водот е 70 километри, самите проводиници поставени се на 168 самоносечки столбови.
 
Далекуводот, нагласи директoрот, претставува придобивка за системите на  Македонија и Србија, пред се зголемување на преносниот капацитет. Во идно време, објасни Спасов, би значело поврзување на локални трансформаторски станици на овој далекувод. Конкретно, подвлече, станува збор за трафостаница во близина на Куманово,која што би се поврзала на овој далекувод и во идно време ќе значи подобрување на напонските прилики во Куманово и целиот североисточен регион.
 
- Вредноста на далекуводот ја надминува бројката од 11 милиони евра. Самиот проект е финансиран од страна на Светска Банка. Дополнително самиот вод е петти инетрконективен вод со соседните држави,три од интерконективните водови се направени од 2007 наваму, изјави Спасов.
 
Тој информираше дека на презентација на Стопанската комора веќе ги најавиле идните планови.
 
- Во следниот десетгодишен  период ќе имаме инвестиции во вредност од околу 150 милиони евра. Следно наше вложување на кое веќе работиме како проект е интерконективното поврзување со Р.Албанија.Тоа далекуводот Битола-Елбасан со градба на трафостаница во регионот во околината на Охрид. Со тој далекувод, освен зголемување на преносниот капацитет,би имале и локални придобивки во подобрување на напонските прилики во југозападниот дел на Р.Македонија, рече Спасов.
 
Изградбата на далекуводот започна во декември лани, а планирано е до крајот на овој месец далекуводот да биде ставен под напон.