Македонија
10. November 2016 - 15:19

Меоморандум за соработка меѓу НУ Завод и музеј-Битола и ликовната колонија „Де Ниро“

Националната установа Завод и музеј-Битола и Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ потпишаа меморандум за деловна соработка со кој се овозможуваат заеднички изложби, користење на изложбениот простор и друга соработка.

- Ние сме установа задолжена за заштита на културното наследство и во таа смисла Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ ја сметаме за дел од тоа културно наследство. Во иднина нашите простории и стручна помош ќе бидат во функција на колонијата, а ваква соработка ќе востановиме и со другите ликовни колонии што се организираат во Битола затоа што токму на тие настани се создаваат дела кои се културно наследство кое ќе биде зачувано како фонд со кој ќе располагаме, истакна Зоран Алтипармаковски, директор на НУ Завод и музеј-Битола.

Според потпишаниот меморандум, колонијата „Де Ниро“ се обврзува да подари дел од оригиналните ликовни дела, а НУ Завод и музеј-Битола во посебен салон кој се подготвува да ги изложи и направи достапни на јавноста.

- Меѓународната ликовна колонија опстојува повеќе од една деценија, оптимистички и со ентузијастичка верба обединувајќи широк спектар на творечки практики поврзани преку креативноста на авторите. Според бројот на учесниците и бројот на собраните дела слободно можеме да речеме дека мотивот е уште поголем и што е најважно неизостанува поддршката каква што денес добивме од битолскиот Музеј, рече меѓудругото Драги Филевски основач и организатор на меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“.

Најновите ликовни творби од работилниците што летоска се одржаа во Битола, меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ ќе ги изложи утревечер во културниот центар „Магаза“.