Бизнис
14. March 2018 - 14:37

Менџмент на САСА: Институциите да го деблокираат патот до рудникот, блокадата е незаконска

 Менаџментот на  рудникот САСА од Македонска Каменица оцени дека протестот на рударите што почна денеска изутрина со блокада е незаконски и ја загрозува работата. За да може да преговара новиот огранок на Мултиетничкиот синдикат на образованието (МЕСО) којшто го организира протестот, според менаџментот, треба да докаже дека со закон ги претставува вработените, а досега од МЕСО  до рудниккот не доставиле ниту еден формален доказ дека се репрезентативен синдикат во САСА.

Според менаџментот, група поддржувачи на огранокот на МЕСО од Македонска Каменица, спротивно на Законот, утринава поставиле блокада на патот што води кон рудникот САСА, при што автобусот што ги превезува работниците од првата смена во рудникот  спречен да дојде до рудникот, со што работниците им беше оневозможено да стигнат на своите работни места.

- Во моментов рудникот САСА функционира нормално, но доколку ваквата незаконска блокада продолжи, ќе биде доведена во прашање натамошната работа, што ќе предивика големи штети и за компанијата и за сите нејзини 700 вработени, соопштува менаџментот.

За целата ситуација, додава, се информирани надлежните државни органи од кои согласно нивните законски надлежности е побарано да преземат мерки за целосна деблокада на патот кон рудникот.

- Согласно одредбите од Законот за работни односи, протестот организиран од локалниот огранок на МЕСО е незаконски. Рудникот САСА досега имаше одлична соработка со вработените и нивниот легитимен синдикат које е дел од СИЕР - Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството, за што доказ се досегашните постигнати резултати во безбедноста при работа, платите кои се двојно поголеми од просечните плати во земјата и вложувањата во нова технолија и подобри услови за работа, стои во соопштението.

Според Законот, се додава, менаџментот на рудникот е обврзан да разговара и соработува со оној синдикат кој во законска процедура докажал дека ги претставува вработените. Тоа досега беше синдикатот на рударите при СИЕР.  - Секој друг синдикат, за да може да преговара, согласно Законот за работни односи, е обврзан да го докаже истото. Досега, и покрај барањата од страна на компанијата, новиот огранок на МЕСО нема доставено до рудникот ниту еден формален доказ дека е репрезентативен синдикат во САСА. Исто така, согласно Законот, пред да се започне со штрaјк или протест, двата синдикати треба да состават заеднички тим за преговори со менаџментот и да отпочнат процес на медијација. Ниту еден од овие законски одредби досега не е исполнет, што го спречува менаџментот на компанијата да постапува, стои во соопштението. 

Штрајкот на рударите почна изутрината во 05:30 часот од автобуската станица каде рударите се качуваат во автобуси или се враќаат од трета смена. Околу 300 рудари пеш тргнаа кон рудникот, а кај месноста викана Павлиш дол не ги пропуштаа камионите и автобусите на рудникот, додека возилата на месното население беа пропуштани.

Бараат зголемување на платите до 20 проценти од нето добивката на рудникот, подобрување на условите за работа, регулирање на стажот и работното време.

Сашо Јованов, претседател на синдикалната организација синдикалната организација на Саса која е членка на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО), денеска изјави дека побарале средба со менаџментот пред 20 дена.

- Ако сме легитимна, зошто менаџерскиот тим не не прима повеќе од 20 дена на средба за која уредно имаме побарано прием, изјави Јованов.

Рударите најавуваат продолжување на штрајкот доколку не се седнат на преговарачка маса со менаџерскиот тим.