Бизнис
12. November 2015 - 15:45

Меморандум за соработка меѓу ревизорските тела на Македонија и Романија

Совет за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија (СУНРРМ) и Одборот за надзор од јавен интерес на сметководствената професија на Романија денеска во Букурешт потпишаа меморандум за соработка со кој двете тела се обврзаа да работат заеднички во насока на унапредување на ревизорската професија на двете земји користејќи ги фондовите на Европска унија и на Светска банка.

Покрај тоа двете тела се обврзаа меѓусебно да се поддржуваат на нивниот пат кон зачленувањето во меѓународните организации од областа на ревизијата.

- Зголемениот кредибилитет на финансиските извештаи ревидирани согласно меѓународните стандарди за ревизија особено ќе придонесе кон зголемување на довербата на инвеститорите, како кај домашните така и кај странските, а регулаторниот третман и развој на ревизијата ќе го прошири пазарот на ревизијата и платформата на ревизорските услуги, истакна претседателот на СУНРМ Соња Ѓелова Стојанова по потпишувањето на меморандумот.

Таа нагласи дека независноста на ревизорите особено ќе го заштити капиталот на инвеститорите, а заштитениот капитал е основ за економскиот просперитет и развој на економијата во земјата.

Делегацијата на СУНРРМ предводена од претседателот Ѓелова Стојанова, денеска беше во официјална работна посета на Македонската амбасада во Романија каде оствари средба со амбасадорот Панде Лазаревски. 

На средбата, информираат од СУНРРМ, се разговараше за начинот на привлекување на инвеститорите во Македонија, за надлежностите и улогата на Советот на полето на заштитата на капиталот на инвеститорите, како и за вредноста на ревизорските услуги од аспект на јавноста и самите инвеститори.

Во разговорите посебно беше подвлечен фактот што соработката помеѓу Советот на РМ и Одборот за јавен надзор на Романија е од особено значење за потенцијалните инвеститори гледано низ призмата на заштита на нивниот капитал.