Бизнис
8. March 2018 - 20:16

Мелничарите бараат целосно укинување на маркичките за брашно и засилена контрола при увоз

Маркиците на брашното треба целосно да се укинат. Тие не се гаранција дека брашното е квалитетно, сметаат дел од мелничарите. Ако државата е подготвена да се откаже од нив, тие ќе ја поздрават одлуката . Но само ако се засилат инспекциските контроли и без анализи да не се пушта српската роба во земјава..

Откако вчера Николовски ја посочи можноста маркиците целосно да се укинат ако побараат  Стопанските комори од двете земји, од макеоднската комора сеуште нема став за ова прашање. Тие само ја поздравуваат иницијативата на двете змеји да се формира Меѓувладин комитет кој ќе ги реши сите трговски бариери.

Компаниите се` уште се соочуваат со многу тешкотии од административен и од технички карактер во меѓусебната трговија – непризнавање на сертификатите и другите документи кои се однесуваат на квалитетот и техничките стандарди на стоката што се тргува, обврски за приспособување на амбалажите на производите или за приспособување кон стандарди кои се применуваат само на српските пазари, спроведување анализи на граничните премини кои се поврзани со временско оддолжување, но и зголемување на трошоците за извоз (што особено има влијание кога се извезува помала количина од одреден производ, па износот на овие трошоци може драстично да ја зголеми цената на производите и да ги направи неконкурентни на српскиот пазар, но и кај производите што имаат релативно пократок рок на важност).

Првата седница на Комитетот треба да се одржи за една недела во Белград. Комитетот треба во рок од 30   дена да понуди системско и трајно решение за да во иднина се избегнат ваквите  состојби. Вчера двајцата министри успеаја делумно да го надминат проблемот со брашното, со што се спречи Србија да воведе контрамерки.