Свет
30. јуни 2017 - 11:12

Мекмастер: Трамп сака конструктивни односи меѓу Западот и Русија

Американскиот претседател Доноалд Трамп ќе се залага САД и останатите западни земји да развиваат конструктивни односи со Русија, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Херберт Рејмонд Мекмастер.

Ваквата изјава на Мекмастер доаѓа во пресрет на првата официјална средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, што ќе се одржи на маргините на Самитот на Групата 20 најразвиени земји во светот (Г-20), закажан за следната недела во германскиот град Хамбург.

Според Мекмастер, една од целите на Трамп за време на престојот во Хамбург ќе биде „развивање на заеднички пристап“ на западните лидери кон Русија.   

- Претседателот јасно стави до знаење дека би сакал САД и лидерите на целиот Запад да развиваат конструктивни односи со Русија, но појасни и дека (Вашингтон) ќе направи се што е неопходно да се спротивстави на дестбилизирачкото однесување на Русија, рече Мекмастер. 

Тој одби да соопшти детали за темите на претстојната средба на Трамп со Путин, како и дали на неа ќе се разговара за наводната вмешаност на Русија во ланските претседателски избори во САД.

Самитот на Г-20 во Хамбург ќе се одржи на 7 и 8 јули.