Свет
22. March 2018 - 15:41

Меј предупредува на руска закана од Балканот до Блиски Исток

Британската премиерка Тереза Меј непосредно пред почетокот на самитот на шефовите на држави и влади во Брисел порача дека ќе ги предупреди европските партнери, како што ја нарече, на руската агресија во Европа и пошироко.

Меј одби да одговори дали од партнерите ќе бара дополнителни санкции против Русија по убиството на рускиот двоен шпион Сергеј Скрипал, но уште еднаш најстрого го осуди овој чин.

- Ќе зборувам за Солсбери, но не само за тоа. Ова е шема на руска агресија која ја наоѓаме од Западниот Балкан до Блискиот Исток, изјави Меј.

Судејќи по последниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на кој се разговараше за руската закана, се очекува Грција да биде меѓу „најмеките“ држави кон Русија.

- Треба да ја изразиме нашата солидарност со Велика Британија и британскиот народ, но во истовреме треба и да го истражиме случајот, мораме да бидеме многу одговорни, изјави Ципрас ри пристигнувањето на самитот, алудирајќи на вмешаноста на Русија во убиството на Скрипал. 

Дипломатски извори брифираат дека во замена за грчката поддршка околу „построгиот“ речник кон Русија, Грција за сега добила од европските партнери силна осуда кон Турција.

Имено, во нацрт заклучоците објавени од неколку медиуми меѓу кои и „Катимерини“ се посочува дека ЕУ „силно ги осудува постојаните нелегални активности на Турција во исторчниот Медитеран и Егејско Море. Европскиот Совет бара итно Турција да ги прекине прекине овие активности.“

ЕУ лидерите изразуваат и целосна поддршка со Грција и Кипар се посочува во нацрт заклучоците.

Грчките медиуми јавија дека Ципрас ќе има трилатерални средби со Тереза Меј, францускиот претседател Емануел Макрон, како и германската канцеларка Ангела Меркел со кои ќе разговара за Турција и Кипар, но и за прашањето со името.