Свет
14. January 2019 - 21:45

Меј побара од пратениците уште еднаш да го проучат договорот за брегзитот

Британската премиерка Тереза Меј ги повика пратениците уште еднаш да го проучат договорот за брегзитот што го постигна со ЕУ и ги одби барањата да го одложи излегувањето на Британија од Унијата.
 
„Им порачувам на пратениците од двете страни на парламентот, што и да сте заклучиле, во следните 24 часа уште еднаш проучете го договорот“, кажа Меј во Долниот дом на парламентот во расправата пред утрешното клучно гласање. Премиерката заклучи дека договорот „не е совршен и дека е резултат на компромис“.
 
Таа ги отфрли барањата на дел од пратениците за одложување на излегувањето на Британија од ЕУ закажано за 29 март, за да се остави повеќе време за постигнување консензус или за да се одржи нов референдум.
 
„ЕУ ќе ја напуштиме на 29 март“, истакна Меј. „Верувам дека поради нашата демократија е важно да ги спроведеме резултатите од референдумот од 2016“.
 
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и првиот човек на Европската комисија Жан Клод Јункер ѝ испратија денес заедничко писмо на британската премиерка, со кое се обидуваат да помогнат во уверувањето на пратениците да гласаат за договорот за раздружување од Унијата.
 
Британскиот парламент ќе гласа утре навечер за договорот кој британската влада го испреговара со останатите 27 членки во ноември минатата година. Меѓутоа, како што сега стојат нештата, договорот тешко дека ќе добие поддршка во британскиот парламент.
 
Во случај договорот да не помине, можни се повеќе сценарија, од распишување нови избори, одложување на рокот за излегување, нов референдум, па сѐ до брегзит без договор, можност од која се плашат двете страни поради хаосот кој би можел да настане со наглото раскинување на врските создавани во текот на 45-те години британско членство. Исто така можно е и откажување од одлуката за напуштање на ЕУ.
 
За британските парламентарци најспорна е одредбата за таканаречениот бекстоп, заштитиниот механизам кој гарантира дека нема да има тврда граница на ирскиот остров во случај до истекот на преодниот рок да не се склучи нов договор кој ќе овозможи да се избегне повторно возпоставување на граничните контроли меѓу Ирска и Северна Ирска.