Свет
13. April 2018 - 8:37

Меј и Трамп: Да се спречи сириската Влада од употребата на хемиско оружје

Британската премиерка Тереза Меј и американскиот претседател Доналд Трамп во  синоќешниот телефонски разговор се согласија дека од клучно значење е да се спречи сириската Влада и понатаму да употребува хемиско оружје, се посочува во соопштението од Даунинг стрит 10.

- Меј и Трамп се согласија да продолжат блиску да соработуваат за меѓународнито одговор на употребата на хемиско оружје во Сирија, се посочува во соопштението.

Двајцата лидери разговараа откако британската Влада и даде „зелено светло“ на премиеката да им се придружи на САД и на Франција во планирањето на воена операција како одговор на наводниот хемиски напад во Сирија.

Владината седница траела два часа, на која беше поддржан планот на Меј да работи со двата сојузници на „координација на меѓународниот одговор“.

Но, Владата не прецизира време ниту обем на акцијата.

- Кабинетот е согласен со потребата да се преземе акција за да се олеснат хуманитарните проблеми и да го одврати режимот на Асад од понатамошна употреба на хемиско оружје“.

Британската опозиција побара за евентуалната воена акција да се гласа во Парламентот. Премиерката нема законска обврска да го направи тоа иако е вообичаено.

И Трамп синоќа имаше состанок со неговиот тим за национална безбедност по повод ситуацијата во Сирија, што заврши без конечна одлука за евентуален воен напад.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс изјави дека на состанокот „не е донесена конечна одлука“.

- Продолжуваме да ги проценуваме разузнавачките информации и ангажирани сме во разговорите со нашите партнери и сојузници, посочи Сандерс.