Свет
17. January 2019 - 9:55

Меј: Да ги оставиме личните интереси и да најдеме излез од ќорсокакот

Британската премиерка Тереза Меј синоќа ги повика политичарите во земјата да ги остават на страна своите лични интереси, со цел да биде најден излез од ќорсокакот во врска со истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

Таа нагласи дека е разочарана од тоа што лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин досега не разговарал со неа околу Брегзитот, додавајќи дека „нејзината врата останува отворена за разговори“.

Меј соопшти дека за излез од ќорсокакот во кој западна Велика Британија откако британскиот Парламент во вторникот го отфрли Договорот за Брегзит, веќе разговарала со претставници на Шкотската национална партија (СНП), на партијата Либерални демократи и на Партијата на Велс (ПЦ), нагласувајќи дека „сега е време личните интереси да се остават на страна“.

Изјавата на Меј уследи откако Долниот дом на британскиот Парламент синоќа и изгласа доверба на нејзината Влада со 325 гласа „за“ и 306 „против“.

– Имаме одговорност да пронајдеме начин да обезбедиме поддршка во Долниот дом, нагласи Меј, најавувајќи разговори со претставници на парламентарните партии во текот на следните денови посветени на обезбедување мнозинство во Парламентот за усвојување на Договорот за Брегзит.